• петок, 22 ноември 2024

Гаши во Женева се сретна со потпретседателот на Европскиот парламент Штефануца

Гаши во Женева се сретна со потпретседателот на Европскиот парламент Штефануца

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), Африм Гаши, денеска остварил средбa со потпретседателот на Европскиот парламент (ЕП), Николае Штефануца, во рамки на 149. Собрание на ИПУ, што се одржува од 13 до 17 октомври 2024 година во Женева, Швајцарска Конфедерација.

На средбата станало збор за соработката меѓу двата парламенти и актуелните предизвици во процесот на евроинтеграција на нашата земја.

- Потпретседателот Штефануца ги пренесе поздравите од претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и нагласи дека во ЕП посветено се следи состојбата во Република Северна Македонија. Тој изрази задоволство што имаме стабилна влада и стабилно мнозинство во парламентот, како значаен фактор за интегративниот процес на државата. Истовремено, тој подвлече дека во Европскиот парламент има многу поддржувачи за нашата интеграција во ЕУ, особено меѓу европратениците кои потекнуваат од потесниот регион и имаат разбирање за значењето и чуствителноста на прашањето, соопштија денеска од собраниската прес-служба.

Претседателот Гаши изразил задоволство од одржувањето на средбата во новиот парламентарен состав и на Собранието и на Европскиот парламент и нагласил дека, за нас, е многу значајно да се оддржува тесна соработка со ЕУ и Европскиот парламент, имајќи ја предвид стратешката определба за што поскоро зачленување во ЕУ.

Во врска со условот за уставни измени, Гаши, како што стои во соопштението, изразил уверување дека ова прашање може да се реши со добра волја и позитивен пристап. Со оглед на претходно исполнетите обврски од наша страна, посочил тој, очекуваме поголема предвидливост во процесот.

Соговорниците се согласиле дека во наредниот период треба да се интензивираат средбите меѓу претставници на Собранието на Република Северна Македонија и Европскиот парламент. Со таа цел, Гаши на потпретседателот Штефануца му упатил покана да ја посети нашата земја во наредниот период.

Гаши остварил кратка средба со претседателката на ИПУ, Тулиа Ексон, на која биле разменети мислења за клучната улога на парламентите во промовирањето на глобалниот мир и развој. Била истакната потребата за континуиран ангажман во насока на зајакнување на демократските институции, преку поттикнување на дискусии за заедничките предизвици со кои се соочуваат земјите.

Во рамки на 149. Собрание на ИПУ, претседателот Гаши остварил поздравни средби со Елиса Спиропали, претседателка на Собранието на Република Албанија, Нуман Куртулмуш, претседател на Големото Национално Собрание на Туркије и Снежана Пауновиќ, потпретседателка на Собранието на Република Србија. На средбите било подвлечено значењето за реафирмирање на основните вредности на ИПУ и зајакнувањето на меѓупарламентарната соработка.

Претседателот на Собранието Гаши, исто така, остварил поздравна средба со Бернар Пикард, претседател на Фондацијата Solarimpulse, кој што го направи првиот лет околу светот со соларен авион и е добитник на наградата „Шампиони на светот“ на Обединетите нации. Целта на оваа фондација е изнаоѓање на иновативни решенија за еколошката криза и нивно промовирање пред носителите на одлуки, со цел да се забрза транзицијата кон одржлива економија. цр/са/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан