• сабота, 27 април 2024

В петок премиера на „Сергеј е многу глупав“ на Охридскиот народен театар

В петок премиера на „Сергеј е многу глупав“ на Охридскиот народен театар

Охрид, 7 јуни 2023 (МИА) - Народниот театар Охрид в петок премиерно ќе ја изведе претставата „Сергеј е многу глупав“ од Дмитриј Данилов, а во режија на Дејана Николовска. Претставата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во улогата на Сергеј игра Никола Тодороски, првиот курир е Стрезо Стаматовски, вториот курир го игра Горан Стојаноски, а третиот Филипи Кипровски, додека Елизабета Стефановска ќе се појави во улогата на Маша. Сценографијата и костимографијата се на Енес Деари.

Текстот, како што информираше денеска на прес-конференција режисерката Николовска, првпат се поставува во државата. Според неа, се работи за многу популарен современ драмски текст.

- Во претставата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер, кој го игра Никола Тодороски. Навидум едноставната животна состојба одеднаш се претвора во егзистенцијална. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај Сергеј и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, почнува надреалистично шоу, кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив, открива Николовска.

Гледачите, посочи, како и главниот лик Сергеј, до крај нема да можат да сфатат за што се работи, што се случува и кои се тие луѓе.

- На Сергеј му се случува една средба со непознатото кон која не знае како да се постави, нема претходно искуство, но едно е јасно дека кога непознатото ќе ви чукне на врата со него мора да се воспостави некаква комуникација, бидејќи во спротивно може да остави последици во животот на тој човек. Преку главниот лик е отсликан симптомот на денешницата, а тоа е дека многу често проблемите и ситуациите со кои треба да се соочиме ги изнесуваме надвор, ја пренесуваме одговорноста за многу важни прашања на други, додаде режисерката на претставата.

Актерот Никола Тодороски, кој го игра ликот на Сергеј, вели дека по долго време како екипа на Народен театар Охрид имале можност да се позанимаваат со ваков убав процес.

- Ликот што го играм е модерен тип на човек, кој успеал во животот и премногу му е комотно. Задоволен е од се тоа што му се случува како секојдневие. Но, еден ден драстично се му се менува. Мислам дека оваа претстава ќе го предизвика прашањето во публиката „Ако Сергеј е глупав, тогаш какви сме ние?“, истакна Тодороски.

За актерот Горан Стојаноски претставата „Сергеј е многу глупав“ ја нарече зачудна.

- Обично работи што не ги гледаме, мислиме дека не постојат. Но, има и работи кои знаеме дека постојат. Ние се занимаваме со ветерот во човекот, со невидливото, а сепак многу видливо, многу конкретно со содржините на човекот, неговите чувства, неговата душа, од емоции до свест и ум и го доведуваме во ситуација да биде тоа комично, затоа што сметавме дека на таков начин, една таква материја би допрела многу добро до душичките на нашите гледачи, рече Стојаноски.

За актерот Филип Кипровски, пак, било вистинско задоволство да се работи со екипата.

- Дејана ни даде текст за кој можевме многу, многу да размислуваме и верувам дека публиката во петок исто така нема да може да дочека да види што всушност сакаме да кажеме со претставата и целиот проблем на текстот кој ја обработува емотивната затупавеност на сите нас денеска, сакале или не која општетството ни ја наметнува, истакна Кипровски.

Во однос на сценографијата, Деари посочи дека ќе биде минималистичка бидејќи случувањата се во гарсониера. Во тој минимализам, нагласи, преубаво играат глумците и преубав е склопот со главниот лик.

Претставата „Сергеј е многу глупав“ е втора премиера на Охридскиот народен театар годинава поддржана преку програмата на Министерството за култура. Ќе биде одиграна и во рамки на фестивалот „Охридско лето“. сс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан