• среда, 25 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Втората рунда преговори за прекин на огнот во Украина ќе се одржи утре во Лондон

Втората рунда преговори за прекин на огнот во Украина ќе се одржи утре во Лондон

Киев, 22 април 2025 (МИА) - Вториот круг разговори меѓу Украина и нејзините западни партнери, чија цел е да се обезбеди прекин на огнот со Русија, ќе се одржи утре во Лондон, изјави денеска висок украински функционер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера најави дека украинска делегација утре ќе отпатува во британската престолнина на разговори со американски и европски претставници.

Иако составот на делегацијата не е потврден, според украинските медиуми, Киев ќе го претставуваат шефот на администрацијата на украинскиот претседател Андриј Јермак, заменик-шефот на претседателската администрација Павло Палиса, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига и министерот за одбрана Рустем Умеров.

Зеленски вчера изрази надеж дека овие преговори, кои започнаа минатата недела во сосема нов формат, ќе постигнат „безусловно примирје“ со Русија, проследено со „вистински и траен мир“.

Претставниците на Украина, САД, Франција и Велика Британија се состанаа во четвртокот во Париз, за ​​првпат во овој формат, за да се обидат заедно да продолжат напред, во време кога преговорите за прекин на огнот иницирани од Вашингтон се во застој, а Европејците сакаат нивниот глас да се слушне по тригодишна руска инвазија. 

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој и самиот бара мир меѓу Украина и Русија, во неделата изјави дека се надева на договор оваа недела, без да даде дополнителни детали.

На крајот од разговорите во Париз минатата недела, американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека Вашингтон ќе се повлече од разговорите за ставање крај на војната доколку САД утврдат дека мирот меѓу завојуваните страни не е можен.

Зеленски вчера рече дека сака „јасен одговор“ од Русија на неговиот предлог за нов прекин на огнот, а конкретно во врска со прекинот на нападите со беспилотни летала и ракетни напади врз цивилната инфраструктура, откако рускиот претседател Владимир Путин посочи дека сака да го „анализира“ овој предлог. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан