• сабота, 11 мај 2024

Во 2023 поднесени 86 пријави за полицајци од СВР Тетово до внатрешна контрола

Во 2023 поднесени 86 пријави за полицајци од СВР Тетово до внатрешна контрола

Тетово, 12 март 2024 (МИА) - Во текот на 2023 година граѓаните поднеле 86 пријави и претставки до МВР сметајќи дека непрофесионално се однесувале полицајците или вработени во СВР Тетово. За поднесените пријави било утврдено дека 50 се неосновани, 8 се основани, 11 делумно основани, а за 17 случаи немало докази.

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по однос на примените претставки изрече следни задолжителни мерки: за 44 полициски службеници изречена е Предлог мерка за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, за 11 полициски службеници е изречена мерка укажување, за тројца полициски службеници е изречена мерка одземање на службено оружје, за еден полициски службеник е изречена мерка суспензија и уште тројца полициски службеници се упатени на задолжителен психијатриски и психолошки преглед, информираат од МВР.

Дисциплински постапки во текот на 2023 година имало и поради поднесени претставки или пријави од надлежните старешини во разните организациски единици во рамки на Секторот или во рамки на Бирото за јавна безбедност при МВР.

- Од страна на Одделот за дисциплински и судски постапки доставени се вкупно 56 Предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против вработени во СВР-Тетово. Од нив вкупно донесени се едно решение за писмено предупредување, 33 решенија за парична казна, за 11 полициски службеници донесени се решенија за запирање и отфрлање на предлогот, информираат од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди бележи дека за уште 11 предлози, постапката сè уште е во тек. ас/сст/

фото МИА архива 
 

 
 

 

 

Остани поврзан