Во Штип традиционално светиот крст беше положен на две локации во водите на реката Брегалница
- Триесет и седумгодишниот Александар Стојановски и 34-годишниот Петар Мијалков денеска го извадија Светиот крст од водите на реката Брегалница, кој традиционално во Штип се положува на две локации, едната кај градинката „Астибо“ и втората во историско Ново Село.

Штип, 19 јануари 2025 (МИА) - Триесет и седумгодишниот Александар Стојановски и 34-годишниот Петар Мијалков денеска го извадија Светиот крст од водите на реката Брегалница, кој традиционално во Штип се положува на две локации, едната кај градинката „Астибо“ и втората во историско Ново Село.
Стојановски и Мијалков веќе неколкупати учествуваат во положувањето на светиот крст за празникот „Водици“. Стојановски, вели дека е вработен и за првпат го фаќа светиот крст, а пак Мијалков кој го извади светиот крст од водите на реката Брегалница кај штипско Ново Село веќе 15 години учествува во положувањето на светиот крст и по вторпат го вади од осветените води.
Митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион по осветувањето на водите на реката Брегалница кај градинката „Астибо“ во Штип порача „Бог се јави„ нека е честит и вечен празникот.
-Благословот божји кој го излеа врз реката Јордан и се јави Господ, Светата Тројца, Бог отецот кој проговори од небото, светиот дух во вид на гулаб, а синот којшто се крштеваше нека подарат мир и благослов во целиот свет, во нашата татковина Македонија, во градот Штип и насекаде. Мир и благосостојба, многу здравје, благослов и радост на сите луѓе, рече господин Иларион.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов го честиташе големиот христијански празник Богојавление-Водици, на православните верници и на оние кои влегоа денеска во водите на реката Брегалница им посака здравје, радост, бериќет во нивните семејства.
Учесниците кои го извадија светиот крст од водите на реката Брегалница добија пригодни подароци од Брегалничката епархија, како и од Општина Штип и општествено-одговорни компании. вдј/сст/
Фото: МИА