• понеделник, 23 декември 2024

Во штипските градинки недостасува стручен и технички кадар

Во штипските градинки недостасува стручен и технички кадар

Штип, 4 февруари 2024 (МИА) - Во двете штипски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири - Трена“ и нивните клонови низ населбите недостасува стручен кадар.

Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип Снежана Санева вели дека станува збор за околу 50 воспитувачки и негувателки. Најзагриживачки со недостатокот на ваков стручен кадар е во градинката „Астибо“ каде не се пополнети 35 работни места за воспитувачки и негувателки, а во градинката „Вера Циривири -Трена“ потребни се 12 вакви стручни лица.

-Директорите постојано алармираат, бараат согласности, меѓутоа не ги добиваат. Како вработените заминуваат во пензија, работните места остануваат непополнети, а бројот на деца е ист во градиннките, така што навистина треба да си виртуоз за да направиш таков распоред за да не трпи целиоит процес, рече Санева.

Таа посочи дека освен стручен, недостасува и технички кадар, како што се хигиеничарки, готвачи. Но, Санева додаде дека дополнителен проблем за воспитувачките и негувателките е тоа што засега не можат да добијат лиценци.

-Комисијата не се состанува, не ги подготвува тие испити и не се добиваат лиценци. И сега кога би се дала согласност за вработување, може да се соочиме да немаме кадар, бидејќи тие не располагаат со потребните лиценци за да работат во градинките, рече Санева.

За овој проблем со недостатокот на стручен кадар и пополнување на испразнетите места во градинките неколкупати реагираше Општина Штип. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан