• четврток, 04 декември 2025

Вицегувернерката Нацевска на конфереција во Црна Гора: СЕПА – двигател на конвергенцијата со ЕУ

Вицегувернерката Нацевска на конфереција во Црна Гора: СЕПА – двигател на конвергенцијата со ЕУ

Скопје, 15 јуни 2025 (МИА) - Вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, учествувала на панел дискусијата „СЕПА и земјите од Западен Балкан: Катализатор за приближување кон ЕУ и пристап до Единствениот европски пазар“, што се одржа во рамки на конференцијата „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на континуиран слаб економски раст на еврозоната“, во Бечиќи, Црна Гора. Настанот го организираа Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Централната банка на Црна Гора.

Како што соопшти Народна банка, во своето излагање, вицегувернерката Нацевска нагласила дека пристапувањето на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), претставува стратешки чекор кон економска и финансиска конвергенција со ЕУ, со значајни импликации за конкурентноста, финансиската вклученост и модернизацијата на домашниот финансиски систем.

-СЕПА не го менува само начинот на кој се вршат плаќањата – таа го менува и прашањето кој ги врши, и под кои услови. Тоа го отвора патот за влез на нови учесници, вклучително и финтек компании, што може суштински да ги променат очекувањата на корисниците и да ја засилат конкуренцијата, истакнала Нацевска.

Посочила дека оваа трансформација е резултат на усогласената домашна со европската регулатива, што создава фер и транспарентна основа за делување на банките и финтек компаниите. Во вакво отворено и конкурентно окружување, банките ќе бидат мотивирани да инвестираат во инфраструктура, безбедност, дигитални канали и иновации – што, според Нацевска, е суштинска основа за зголемување на отпорноста и релевантноста на банкарскиот систем во дигиталната ера.

На панелот била истакната и улогата на СЕПА како механизам за надминување на ограничувањата од традиционалните кореспондентски релации, со што се овозможува побрзо и поевтино извршување на прекугранични плаќања во евра, особено значајно за дијаспората и малите компании.

-Полноправното учество на сите банки – и големи и мали – во СЕПА екосистемот е од суштинско значење за вистинска конвергенција. Затоа е важно да се обезбеди директен пристап за централните банки од земјите од Западен Балкан до платежната инфраструктура на Евросистемот, како TIPS и T2, изјавила Нацевска, додавајќи дека токму тука регионалната соработка може да даде дополнителен импулс.

Вицегувернерката подвлекла и дека СЕПА не треба да се гледа само како техничка или регулаторна интеграција, туку како реален мотор за забрзување на европската конвергенција на Западен Балкан – преку иновации, конкурентност, подобра услуга за граѓаните и компаниите и силна дигитална трансформација, стои во соопштението на Народна банка. нд/

Фото: Народна банка

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан