• петок, 05 декември 2025

Генерациска средба на првата генерација матуранти во гимназијата Ацо Русковски - Берово

Генерациска средба на првата генерација матуранти во гимназијата Ацо Русковски - Берово

Берово, 15 јуни 2025 (МИА) - По 61 година во Берово повторно се собра генерацијата матуранти која средното образование го завршила во гимназијата „Ацо Русковски“. На генерациската средба присуствуваа дел од тогашната генерација матуранти кои евоцираа спомени за некогашното време и заиграа оро на познати македонски народни рефрени.

Меѓу луѓето кои излегле од беровската гимназија и го продолжиле својот успешен пат е и бизнисменот Благој Механџиски кој вели дека станува збор за првата генерација која матурирала во оваа гимназија.

-Како прва генерација која заврши во беровската гимназија сите се факултетски образовани, успешни семејни луѓе. Ова е генерација за пример за сите години во установата и кога станува збор за учењето и кога станува збор за заеднички дружења. Со оваа средба упатуваме порака да се продолжи традицијата, рече Механџиски.

Нивната желба е секоја година во ист број повторно да се соберат во родното Берово.

-Од оваа генерација некои не се меѓу нас. Положивме цвеќиња на нивните гробови. Сега сме тука опуштено и упатуваме порака до сите Малешевци да се дружат како ние што се дружиме. Можеби ние сме осумдесетгодишници, но им порачуваме на младите да бидат со тој еснафлак што сме ние. Бидејки и ние некогаш бевме како нив, додаде Механџиски.

Мите Петровски од Делчево вели дека ова е славна генерација бидејки погоолем дел од тогашните ученици биле на високи раководни места.

-Од 200 тогашни ученици економисти гимназијалци над 50 проценти подоцна заземаа високи функции во oпштеството. Оваа генерација е најуспешна генерација од сите досегашни генерации и од денеска одлучивме секоја година да се собираме, рече Петровски.

За некогашниот полкловник Ефтим Бишовски ваквите моменти се можност да се потсетат на нивните најдобри времиња.

-Јас сум Ефтим Бишовски, завршив средно економско во Берово 1964 година, а потоа во Белград завршив Воена академија и стигнав до чин полковник. Горд сум на оваа генерација, еве евоцираме спомени, дај Боже догодина да бидеме во ист број. Ова е Берово, наша гордост и секогаш кога доаѓаме тука ги оживуваме спомените и ги пренесуваме традициите на нашите внуци, рече Бишовски.

Годините, како што велат сите кои присуствуваа на генерациската средба, не може да им бидат вратени, но спомените за заедничката дружба засекогаш ќе им останат.вс/ар
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан