• недела, 21 јули 2024

Во центарот на Штип поставени подземени контејнери

Во центарот на Штип поставени подземени контејнери

Штип, 29 мај 2024 (МИА) - Пуштени во употреба првите подземни контејнери во централното градско подрачје во Штип. Кај штипската галерија „Безистен“ поставени се три подземни контејнери.

Градоначалникот на Општина штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција соопшти дека инвестицијата е на општината и е во вредност од над половина милион денари. Целта, како што рече, е отпадот да се депонира на современ начин, а тенденција е да се постават и на неколку други локации во Штип.

-На една локација во центарот на Штип воведовме нов метод за депонирање на отпад кој се надевам ќе најде примена кај нашите сограѓани. Станува збор за инвестиција на Општина Штип во вредност од 500 илјади денари. Со три подземни контејнери за комунален смет ќе се депонира отпадот, рече Јорданов, потенцирајќи дека овие контејнери се наменети исклучително за комунален отпад.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков вели дека со ваквиот начин на депонирање на отпадот се очекува да нема расфрлани контејнери, ѓубре околу нив, отпадоци по улиците и на јавни површини.

-Овие подземни контејнери ќе придонесат за поголема хигиена во центарот на Штип и оние слики од минатото на расфрлани контејнери ќе бидат заборавени. Овие контејнери се првенствено наменети за комунален отпад, односно отпад кој го создаваме во нашите домаќинства, изјави Зајков.

Тој истакна дека зголемен е бројот на контејнери и поставени корпи за отпадоци на повеќе локации во Штип со цел да се зголеми чистотата во градот. Апелира до граѓаните да бидат одговорни и совесни, да се менуваат навиките и да се чува чиста околината. вдј/фф/

Фото: МИА 

Остани поврзан