• четврток, 11 јули 2024

Во Струмица превентивна активност „Носи кацига-вози безбедно“

Во Струмица превентивна активност „Носи кацига-вози безбедно“

Струмица, 11 јули 2024 (МИА) - Во првите шест месеци од минатата 2023 година на подрачје на СВР Струмица имаше 3 жртви во сообраќајни несреќи кои управувале или се превезувале на мотор, а во шесте месеци од 2024 година не е случена сообраќајна несреќа со загинат мотоциклист, што ни дава за право да кажеме дека превентивните активности кои се спроведуваат влијаат на подигање на свеста кај оваа категорија учесници во сообраќајот, изјави портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова при реализирањето на денешната превентивна активност „Носи кацига-вози безбедно“.

Според неа, заради засилените акциски контроли за санкционирање на мотоциклистите во сообраќајот намален е бројот на возачите кои не користеле заштитна кацига.

-Во јуни оваа година на подрачје на Струмица се санкционирани 66 возачи кои не користеле кацига, а лани истиот месец година бројот на санкционирани возачи кои не носеле кацига бил 45, рече Трајанова.

На денешната превентивна активност преку делење летоци со едукативна содржина полициските службеници и советниците од Републичкиот совет за безбедност на патниот сообраќај (РСБСП) ги потсетуваа возачите на мотори, мопеди, но и на возачите на електрични тротинети да ја зголемат својата безбедност, односно дека носењето кацига може да го спаси нивниот живот.
Превентивната активност ја организираа СВР Струмица во соработка со Републичкиот совет за безбедност на патниот сообраќај и Мото асоцијација на Македонија на МК Клубови.рт/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан