• понеделник, 13 мај 2024

Во Собранието расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024, продолжува в понеделник

Во Собранието расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024, продолжува в понеделник

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Во Собранието денеска се одржа расправа по Дополнетиот предлог Буџет за 2024 година, кој се најде на пленарна седница откако заврши амандманската расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

За пратениците од опозицијата Предлог Буџетот е неприфатлив затоа што според нив се кратат средства во животната средина и области од кои најзасегнати се младите.

Јован Јаулески пратеник од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на иселувањето на младите како последица од немањето можност за креирање на иднина и семејство во државата, како и поради нефункционалните институции.

-Не е иселувањето поради повисоки плати, денеска младите се иселуваат поради здравствениот систем кој ги краде лековите, поради лошиот квалитет на живот, енормното загадување на воздухот, нефункционални инвестиции, нема образовен систем за децата. Вашето владеење донесе само хаос, а кај народот остана единствено надеж дека 2024 година ќе значи пресвртница, истакна Јаулевски.

Тој рече дека и покрај намалениот број на млади Владата сепак го укинала проектот „Купи куќа, купи стан“ за младите брачни парови со што ги отежнала условите за формирање семејства.

-Постојат бројни истражувања дека еден од ограничувачките фактори при планирање на семејство е и големината на домот, на младите брачни парови државата треба да им обезбеди услови да имаат повеќе деца. Намалениот борј на луѓе значи голем проблем на пазарот на труд, сте се запрашале кој ќе работи колеги, рече Јаулевски.

Оцени дека намалениот број на население значи зголемување на дупката во пензискиот фонд.

-Ако денеска издвојуваме од буџетот околу 600 милиони евра колку ли ќе издвојуваме за 10 до 20 години кога соодносот на вработени и пензионери дополнително ќе се влоши, подвлече тој.

Јаулевски исто така, рече дека во Струга не било направено ништо особено во делот на справувањет со кучињата и снабдувањето со чиста вода за пиење.

Жаклина Лазаревска од СДСМ пак, рече дека во последните три години буџетот се планирал во посебно тешки услови, но дека и покрај тоа овој Предлог Буџет ќе бил добра основа за зголемена реализација на инфраструктурните проекти, привлекување инвеститори, поддршка на домашната економија, приватниот сектор, како и повисоки плати и пензии.

–Вие знаете дека последниве три години се планира буџет во посебни услови со изразена неизвесност, надворешни ризици, неповолни трендови на глобалната економија која се рефлектира и кај нас, меѓутоа овој Предлог - Буџет е одговор на потребите и состојбите во нашата држава и ќе биде добра основа за зголемена реализација на инфраструктурните проекти, привлекување инвеститори, поддршка на домашната економија, приватниот сектор, како и повисоки плати и пензии, посочи Лазаревска.

Во однос на Струга рече дека во последните години имало големи инфрастурктурни проекти.

-Сме имале од патна до секаква друга инфраструктура и она што е важно во тие 733 милиони евра во буџетот, за капитални инвестиции на две големи капитални инвестиции гледам мапирана е и Струга, истакна Лазаревска.

Јаулевски од друга страна оцени дека од тие 773 милиони евра имало многу мала реализација.

-Од тие 773 милиони евра вие ни 60 проценти не реализирате секоја година на првиот ребаланс истите ги кратите и така испаѓа голем процент на реализација, рече Јаулевски.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Христова оцени дека Предлог - Буџетот е најнереален и поставен на неодржливи основи.

-Рушен е рекорд на највисоко креиран буџет во историјата на Република Македонија, но имаме и рекрод на најзадолжена држава со јавен долг кој е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а наспроти тоа имаме економски раст кој ни е далеку од просекот наспроти земјите од регионот, истакна Христова.

Според неа од наредната година ќе немало зголемување на пензиите, ниту пак ќе имало пари за младите, спортот и науката.

Жаклина Лазаревска од СДСМ повтори дека со новиот буџет ќе имало зголемувања на платите, пензиите и дека приходите за општините и капиталните инвестиции ќе се зголемеле.

Игор Здравковски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека е срамота власта да се фали со плати и пензии, појаснувајќи дека тука станува збор за нешто што е обврска и се подразбира.

-Од почеток слушам како биле проектирани средства за плати, и тоа е некој успех, дајте луѓе каде се наоѓате, држава ли е ова, панаѓур ли е, ќе се фалиме дека имало средства за пензии и плати, па тоа е обврска, тоа е исто како некој наставник да се врати од работа и да напише на фејсбук јас денеска одржав часови, дај не се брукајте, од овој документ зависи иднината на нашите деца, порача Здравковски.

Претходно, пред пратениците се обрати ресорониот министер Фатмир Бесими, кој посочи дека Предлог-буџетот води кон обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост. Како штоистакна, ќе се обезбеди и таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и стопанството и за интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

Тој исто така рече дека во предлог Буџетот за следната година се планираат капитални расходи на ниво од 45,2 милијарди денари, а со буџетски средства од околу 15,1 милијарди денари ќе има значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура. Овој предлог буџет ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите.

Расправата за Дополнетиот предлог буџет за 2024, продолжува в понеделник.свс/ев/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан