• петок, 22 ноември 2024

Во Кавадарци доделени награди за бизнис планови на средношколци

Во Кавадарци доделени награди за бизнис планови на средношколци

Кавадарци, 16 ноември 2023 (МИА) - Производство и продажба на органски сапуни антиалергенси. Собирање вишок текстил да не заврши во отпад и да не загадува, негово оставање во автомат, собирање на поени на апликација  и користење ваучери во маркети, а преработка на текстилот во конец и негова реупотреба во текстилна индустрија. Фото студио и курс за програмирање, ова се бизнис планови на средношколци, што беа наградени денеска во Кавадарци. 

Настанот е, како што беше кажано, прв од ваков вид, во организација на општинската Комисија за еднакви можности и локалната самоуправа. Бизнис плановите беа доставени на јавен повик, а во жирито беа членови на КЕМ и професори од средни училишта, кои нагласија дека се задоволни од одличните бизнис планови и рекоа дека тешка била одлуката околу наградите. 

- Млади заминуваат. Да ги поттикнеме да размислуваат за својата иднина и плановите за неа да ги реализираат овде, рече претседателката на Комисијата, Весна Ѓорѓиева.  

Марија Камчева, координатор за родова еднаквост при Општина Кавадарци, рече дека младите се носители на позитивни промени, тие ги градат темелите за иднината на една држава, неопходно е да се вложува во нивниот развој.

- Доколку имате идеи, го имате најголемиот имот што е потребен и нема да постојат граници за тоа што можете да направите со животот. Идеите се најголемиот капитал на човекот, една бизнис идеја е стартна точка за секој сегашен или иден претприемач, нагласи таа. 

Веса Богева, им се обрати на наградените и ги пофали, нагласувајќи дека очекува да бидат успешни и во иднина. 

Валентина Бањанска, инаку раководител на Агенцијата за вработување, рече дека  очекува успешни претприемачи. Таа потсети дека Агенцијата нуди поддршка со грантови, особено за младите до 29 години. 

Прва награда доби бизнис планот на учениците  Благица Сивакова, Фросина Настова, Ивана Илова и Александра Јованова, соопштија од Комисијата. 

Втора награда освоија Надица Гелова, Ружица Илиевска и Јован Митрев, а третата награда ја делат, од една страна, Владимир Костов и од друга страна, Наќе Петридов и Кирил Топчиев. свд/сх/

Фото : МИА 

Остани поврзан