• сабота, 11 мај 2024

Во грчкиот Парламент влезе законот за набавка на 18 воени авиони „Рафал“ од Франција

Во грчкиот Парламент влезе законот за набавка на 18 воени авиони „Рафал“ од Франција
Атина, 12 јануари 2021 (МИА) – Предлог законот за набавка на 18 воени авиони „Рафал“  од Франција влезе во грчкиот Парламент, а денеска почнува расправата пред надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни прашања, за до крајот на седмицава да биде изгласан од пратениците, јави дописничката на МИА од Атина. Во предлог законот од Министерството за одбрана на Грција за „Одобрување на планирани договори во секторот на одбраната“ предвидена е набавка на шест нови и 12 половни воени авиони, а вкупните трошоци се 2,49 милијарда евра и освен набавката, во износот се вклучени и трошоците за одржување, како и за набавка на опрема, односно оружје за самите авиони. Од вкупниот износ, околу 1,5 милијарди се трошоци за оваа година, 472 милиони евра за следната, околу 408 милиони евра за 2023 година, а останатите околу 101 милион за 2024 и 2025 година. Откако предлог законот ќе добие зелено светло од надлежната комисија, ќе биде донесен на расправа пред пратениците, по што ќе следи и гласањето, веројатно до крајот на седмицава. Медиумите во Грција пишуваат дека целта е да се завршат процедурите во Парламентот за кон крајот на јануари, во Атина да биде потпишан договорот со министерката за одбрана на Франција. Според истите информации, шесте половни авиони, на Грција би ѝ биле предадени  шест месеци по потпишувањето на договорот, а ќе пристигнуваат по еден секој месец. Со истото темпо ќе пристигнуваат и останатите 12 воени авиони. Првите шест, 20 месеци по потпишувањето на договорот, а останатите по 26 месеци. ср/сд/

Остани поврзан