• сабота, 27 јули 2024

Во Велес и велешко успешно реализирана теренската вакцинација на деца во рамките на кампањата „Од врата до врата“

Во Велес и велешко успешно реализирана теренската вакцинација на деца во рамките на кампањата „Од врата до врата“

Велес, 23 ноември 2023 (МИА) - Екипа на Службата за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен дом во Велес и велешкиот поширок регион заедно со Општините Велес, Градско и Чашка, во текот на ноември  ја реализираа теренска вакцинација за претшколски и школски деца кои не се вакцинирани, во рамките на кампањата „Од врата до врата“.

Како што информира за МИА, координаторката на теренската вакцинација, д-р Марина Тодоровска од ЈЗУ Здравствен дом во Велес, досега се направени 10 теренски посети, а остануваат уште две.

Таа оценува дека акцијата успешно се реализира и со неа биле опфатени голем број на претшколски деца и млади до 18 години, а  кои од разни причини до сега не биле вакцинирани. 

Воедно информира дека на терен дознале дека некои од семејствата кои не ги вакцинирале своите деца било од причина што тие семејства се отселиле во странство.

Д-р Тодоровска кажа дека при секоја теренска вакцинација биле посетувани од 15 до 18 семејства, кои од разни причини не ги вакцинирале своите деца, а дел од нив се од семејства од социјално ранливи категории.

Досега, освен три теренски вакцинации во Велес, тие имале и седум теренски вакцинации во селата од поширокиот велешки регион, во кој освен Општина Велес се вклучени и Општините, Градско и Чашка, а ги посетиле домовите на семејства во селата Горно Јаболчиште, Бузалково, Мелница, Сливник, Клуковец и Горно Оризари.

Таа појаснува дека децата добиваат вакцини според календарот за вакцинација на деца од претшколска и школска возраст.

Д-р Тодоровска  потенцира дека целта на оваа кампања е да се подигне свеста и разбирањето за важноста на имунизација и придобивките од вакцинација,.

Кампањата „Од врата до врата“ ја организира Министерството за здравство и Канцеларијата на Светската Здравствена Организација во Скопје.

Медицинските екипи на ЈЗУ Здравствен дом успешно ја реализираат теренската вакцинација со години наназад. ад/ар/

Фото:МИА

 

Остани поврзан