• петок, 17 мај 2024

Во  ООУ „Кузман Шапкарев” во Драчево, во две нови училници овозможена кабинетска настава

Во  ООУ „Кузман Шапкарев” во Драчево, во две нови училници овозможена кабинетска настава

Скопје, 3 јануари 2024 (МИА) - Учениците од ООУ „Кузман Шапкарев” во Драчево од второто полугодие во две нови училници ќе добијат кабинетска настава. Со тоа оваа училиште има 14 кабинети кои ќе можат наменски да се опремат за соодветниот предмет што таму ќе се предава, што пак ќе значи можност за повеќе нагледни средства и практична настава, соопштија од Општина Кисела Вода.

Во оваа училиште настава посетуваат 652 ученика.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го посетил овој училишен објект каде во изминатиот период општината работела на изградба на две нови училници.

- Продолжуваме со активностите за унапредување на наставниот процес за нашите ученици кој интензивно се одвива во основните училишта на наша територија. Во ООУ “Кузман Шапкарев” во Драчево, каде се наоѓаме денеска, изградивме нови две училници со што овозможуваме предметната настава да се одвива во засебни кабинети, појаснил Ѓорѓиевски.

Тој потенцирал дека ова е посебно важно бидејќи овозможува опремувањето на кабинетите со повеќе нагледни средства и можност за повеќе практична и експериментална настава, како чекор што го унапредува квалитетот на учењето и на учениците им обезбедува подобра подготовка за нивната професионална иднина.

- Во таа насока, инвестициите во нашите образовни проекти продолжуваат и сакам да информирам дека во моментов се прави проект за изградба на уште три училници во ова училиште, како и за доградба на крак и во ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, со што ќе се овозможи работа во една смена на училиштата на територијата на Кисела Вода, најавил Ѓорѓиевски, се вели во соопштението. ад/цр

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан