ВМРО-ДПМНЕ: Донесена е легитимна одлука за зголемување на тарифата за приватните превозници
- Донесена е легитимна одлука за зголемување на тарифата за приватните превозници на предлог на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, со што се одбегна предлогот на СДС поддржан од Левица и ДУИ за зголемување на цената на билетот за превоз за граѓаните, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ демантирајќи ја претходната објавата на Град Скопје дека не е донесена одлука во врска со барањата на приватните превозници.
Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Донесена е легитимна одлука за зголемување на тарифата за приватните превозници на предлог на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, со што се одбегна предлогот на СДС поддржан од Левица и ДУИ за зголемување на цената на билетот за превоз за граѓаните, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ демантирајќи ја претходната објавата на Град Скопје дека не е донесена одлука во врска со барањата на приватните превозници.
-Данела Арсовска може да не се согласува со оваа одлука, но таа е легитимна и денес свесно внесува неоснована забуна во јавноста и медиумите кога вели дека истата не е донесена, поради недостиг на кворум. Што не е вистина и истото го демантираме и тоа може лесно да се заклучи од снимките кои се јавни. Со таквото нејзино тврдење штитејќи ги тесноградите и партиски интереси на триото СДС, ДУИ и Левица, на штета на скопјани, практично сака да се врати проблемот од почеток и да не се решат барањата на превозниците и Скопје да е во повторен хаос. Апелираме да се стави во сила легално и легитимно изгласаната одлука на Советот кој е орган чии надлежности се над криминалните желби на кумата и господарот на хаосот во Скопје Данела Арсовска, стои во соопштението.
Воедно, се упатува апел и до советниците на СДС и координаторката Љубица Јанчева, како и до советниците на Левица и ДУИ, како што се наведува, да не се прават крпи и да го губат достоинството пред налетот на сценаријата за хаос на Арсовска и да ја деградираат функцијата советник потчинувајќи се на Арсовска.
-Одлука и решение е донесено на последната седница. И истото треба да се спроведе, стои во демантот од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Град Скопје претходно, соопштија дека по вчерашната Седница на Советот на Град Скопје, на која не беше донесен заклучок во рамки на законските и деловнички процедури, денеска се одржал координативен состанок на кој учествувале градоначалничката и секретарот на Град Скопје, координаторите на советничките групи кои ги претставуваат политичките партии во Советот на Град Скопје, членови на Советот, претставници на стручните служби на Град Скопје и претставниците на приватните превозници. На средбата, се посочува, е донесен заклучок според кој во рок од 15 дена треба да се изготви анализа во која согласно утврдената методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата јавен превоз, од страна на експерти вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање во предвид на поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници.
-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје, стои во соопштението од Град Скопје. вг/
Фото: МИА Архива