• сабота, 27 јули 2024

Бојкот на настава во тетовско училиште, се бара да се врати учителка на работа 

Бојкот на настава во тетовско училиште, се бара да се врати учителка на работа 
Тетово, 14 септември 2022 (МИА) - Родителите на учениците од трето одделение во единствената паралелка на албански јазик во ОУ „Гоце Делчев“-Тетово вчера и денеска ја бојкотираат настава. Бараат да се врати на работа одделенската наставничка Емине Љума Османи, која според родителите, е отстранета од работното место поради тоа што и завршил договорот за работа на определено време. - Сакаме да ни се врати нашата учителка затоа што децата се научени на неа. Тоа е нашето барање. Цело одделение 25 ученици во едната паралелка на албански јазик. Кога доаѓаат работите да се мешаат во една политичка и партиска насока значи не дека само нашите деца се жртви, сите сме жртви во тоа. Но, нас не не интересира таа работа. Едноставно не сакаме нашите деца да бидат психички или едукативно погодени од тоа, изјави Анита Азири, претставничка на родителите. По средбата со родителите претставници на родителите заминаа и на средба со директорката на училиштето. - Немаме ништо против новата наставничка. Сакаме да разговараме со директорката и новата учителка. Целта е да не бидат децата жртва на политички и партиски игри, изјави родителот Бурхан Алити. На 6. септември и дел од родителите на ученици во ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово  јавно протестираа и побараа да се вратат на работа десетина одделенски наставнички на кои им завршил договорот за работа. Тие сметаат дека треба да им се продолжи договорот бидејќи кога ги запишувале децата ги одбрале тие учителки. ас/цр

Остани поврзан