• понеделник, 06 мај 2024

Блинкен: Успехот на израелските одлуки ќе го мериме според хуманитраната ситуација во Газа

Блинкен: Успехот на израелските одлуки ќе го мериме според хуманитраната ситуација во Газа

Вашингтон, 5 април 2024 (МИА)  - САД ги поздравуваат последните одлуки на Израел да дозволи доставување поголема хуманитарна помош во Појасот Газа, но нивниот успех ќе се мери со резултатите на теренот, изјави денеска американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Зборувајќи со лидерите на ЕУ во Белгија, тој додаде дека САД ќе следат како ќе се одвива ситуацијата во наредните денови и недели, пренесуваат британските медиуми.

Блинкен рече дека Вашингтон „внимателно ќе ги следи“ специфичните индикатори како што е бројот на камиони кои пристигнуваат во Појасот Газа, како и проценката на ризикот од глад.

Тој, исто така, изјави дека Израел мора да се погрижи населението да биде заштитено во нападите што ги врши во Газа со „максимизирање на сите напори за заштита на цивилите“.

Израелските власти одлучија привремено да го отворат пристаништето Ашдод за хуманитарни испораки и преминот Ерез во северниот дел на Појасот Газа, а ќе ја зголемат и количината на помош од Јордан што влегува преку преминот Керем Шалом.

Израелското соопштение дојде неколку часа откако американскиот претседател Џозеф Бајден и Нетанјаху зборуваа за прв пат по нападот на израелската армија во центарот на Газа во кој загинаа седум хуманитарни работници од Светската централна кујна.

Американскиот претседател навести дека политиката на неговата администрација за израелската војна против Хамас може драматично да се промени доколку Израел не преземе чекори за подобро да ги заштити хуманитарните работници и да ја зголеми испораката на храна во Газа, и повика на итен прекин на огнот да го стори тоа, според Тајмс од Израел. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан