• вторник, 21 мај 2024

Блинкен и Кулеба побараа од американскиот Конгрес итно да ја одобри помошта за Киев

Блинкен и Кулеба побараа од американскиот Конгрес итно да ја одобри помошта за Киев

Капри, 18 април 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска инсистираше на тоа дека Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, во кој доминира републиканската опозиција, треба итно да го одобри буџетскиот пакет за Украина, откако вчера во друг руски напад загинаа речиси 20 луѓе во северниот украински град Чернигов.

„Во овој момент, итно е неопходно сите пријатели и поддржувачи на Украина да вложат максимални напори за да продолжат да му обезбедуваат на Киев она што му е потребно за да се одбрани од руската агресија“, изјави Блинкен за новинарите непосредно пред средбата со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Двајцата лидери денеска ќе учествуваат на првиот состанок на дипломатите на Г7 на италијанскиот остров Капри, каде се очекува помошта за Украина, особено во однос на воздушната одбрана, да биде водечка тема на разговор.

„За САД тоа значи прифаќање на барањето за дополнителни буџетски трошоци“, рече Блинкен, нагласувајќи го „влогот“ поврзан со помошта на Украина, како и фактот дека тоа ќе и помогне на американската „одбранбена индустрија“ и ќе создаде работни места.

По неколку месеци застој, Претставничкиот дом синоќа објави дека во сабота ќе гласа за пакетот помош од 61 милијарда долари за Украина, главно воена помош, која претседателот Џо Бајден рече дека „силно ја поддржува“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан