Бесими: Минатата година највисока реализација на капиталните инвестиции (ДПЛ)
- Највисока реализација на капитални инвестиции во однос на планираното во Буџетот е остварена минатата година. Реализацијата е на ниво од 97 проценти во однос на планираното, односно 707 милиони евра, соопшти денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Највисока реализација на капитални инвестиции во однос на планираното во Буџетот е остварена минатата година. Реализацијата е на ниво од 97 проценти во однос на планираното, односно 707 милиони евра, соопшти денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
На заедничката прес-конференција со директорите на Управата за јавни приходи и Царинската управа, министерот Бесими посочи дека се работи пред се, за инфраструктурни проекти, но и за други инвестиции направени од страна на буџетските корисници.
Она што е исто така важно, според него, е и тоа што првпат минатата година е реализиран Буџет без ребаланс во услови на кризни години и непредвидливост на економските текови.
Вкупните приходи минатата година биле на ниво од 98,3 проценти, а расходите на ниво од 98,1 процент.
- Ова се важни работи за реализација на Буџетот за 2023 година што претставува основа за следниот период, рече Бесими.
Посочи дека продолжува и фискалната консолидација, односно трендот на намалување на буџетскиот дефицит од 8 проценти во 2020 година на 4,67 проценти во 2023 година. Во однос на јавниот долг рече дека има намалување односно дека на крајот на третиот квартал од минатата година бил 55 проценти од БДП што е намалување од 3,8 проценти во однос на 2022 година.
- Она што е важно и постигнато е Буџетот да биде во рамки на планот и остварувањата да бидат балансирани на ниво на приходи и расходи и финансирањето да биде со понизок трошок, а притоа капиталните расходи да се повисоки од дефицитот. Тоа се работи што ги најавивме на почетокот на годината и што сега ги соопштуваме со конкретни бројки, истакна Бесими.
Посочи дека повеќе средства се одвоени и за поддршка на стопанството и граѓаните, односно 5,2 милијарди денари за компаниите, 8,8 милијарди денари субвенции во земјоделството, 1,97 милијарди денари субвенции во образованието, 874 милиони денари субвенции во културата и 185 милиони денари субвенции во спортот. Повеќе средства се трансферирани и до единиците за локална самоуправа во износ од 27,7 милијарди денари, а поддршката што е реализирана за справување со кризата е во износ од 5,5 милијарди денари.
Минатата година, како што информираше директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, остварен е вкупен даночен приход од 114 милијарди 243 милиони 141 илјада денари со што овој износ е повисок за 9,44 проценти во однос на 2022 година, а понизок за 4,56 проценти во однос на планираниот приход. Споредено со наплатата во 2022 година, повисок износ на наплата има кај данокот на добивка за 7, 35 проценти, кај данокот на личен доход за 14,28 проценти и кај данокот на додадена вредност за 8,16 проценти.
Во делот на Царинската управа, како што посочи директорот Стефан Богоев, приходите од данок на моторни возила бележат раст од 46,7 проценти во однос на претходната година, приходите од царина за 10,3 проценти, а раст од пет проценти има и кај приходите од акцизи кои во 2023 година изнесуваат 32,4 милијарди денари. Бројот на случаи на заплени од страна на Царинската управа е зголемен за речиси 30 проценти, а за 60 проценти е зголемен и бројот на поднесени кривични пријави. сан/бак/
Фото: МИА, Министерство за финансии, Царинска управа