• недела, 22 декември 2024

Бербок го повика Израел да ги отвори сите гранични премини кон Газа за испорака на хуманитарна помош

Бербок го повика Израел да ги отвори сите гранични премини кон Газа за испорака на хуманитарна помош

Берлин, 11 ноември 2024 (МИА) - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го повика Израел да ги отвори сите гранични премини во Појасот Газа за да дозволи помошта да дојде во Газа, предупредувајќи дека помошта за крајбрежната палестинска енклава е на рекордно ниско ниво, јави ДПА.

-Никогаш во последните 12 месеци немало толку мала помош во Појасот Газа како сега, рече шефицата на германската дипломатија.

Таа додаде дека Израел постојано давал ветувања во врска со тоа, но потоа „не ги исполнувал“.

-Израелската влада мора да дозволи да се достави поголема помош до настраданото цивилно население во Појасот Газа, „без изговори“. Голем дел од над два милиони (жители на Појасот Газа) страдаат од акутна неухранетост и живеат во незамисливи услови. Никаде на друго место во светот нема толку многу деца со ампутирани екстремитети на толку мал простор. Големи делови од Газа се апсолутна пустелија, нагласи таа.

Бербок додаде дека со наближувањето на зимата, нема ништо поитно од ослободувањето на заложниците во Појасот Газа од страна на палестинската вооружена група Хамас и испораката на итно потребната помош за цивилното население како храна, вода, лекови, хигиена, производи и шатори.

-За да се случи ова, сите гранични премини во Газа мора да бидат отворени за хуманитарна помош, потенцира Бербок. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан