• четврток, 20 јуни 2024

Бајден замина на самитот на Г7

Бајден замина на самитот на Г7

Вашингтон, 12 јуни 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска замина за Италија на средба со лидерите на Г7 во обид да го засили притисокот врз Русија поради војната во Украина и врз Кина поради нејзината поддршка за Москва и вишокот индустриски капацитети, објавија британските медиуми. 

Лидерите на Г7 пристигнуваат на Самитот во време кога се соочуваат со голем број проблеми дома и ќе се обидат да најдат решенија за некои од најгорливите проблеми во светот.

Лидерите на најнапредните светски демократии ќе се осврнат на низа предизвици за време на состанокот од 13 до 15 јуни, вклучувајќи ги војните во Украина и Блискиот Исток, трговскиот дисбаланс со Кина, заканите од вештачката интелигенција и развојните предизвици во Африка.

Лидерите ќе објават и нови санкции и извозни контроли против Русија. Вашингтон планира да ги прошири санкциите за руската продажба на полупроводници и други стоки, потег кој има за цел да ги таргетира продавачите на трети страни во Кина, велат извори запознаени со намерите на САД.

Зајакнувањето на финансирањето за Украина ќе биде главен приоритет на состанокот на Г7, а американските и европските претставници се желни да постигнат договор пред евентуалниот реизбор на Трамп и неизвесноста што ќе ја зголеми за идната американска поддршка за Киев, наведуваат британските медиуми.

Г7 и ЕУ исто така размислуваат како да ги искористат приходите генерирани од руските средства блокирани од Западот за да и дадат на Украина голем почетен заем за да го обезбедат финансирањето на Киев во 2025 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан