• петок, 22 ноември 2024

Апасиев: Македонска платформа за да запрат уценувањата на албанското малцинство при формирањето влада

Апасиев: Македонска платформа за да запрат уценувањата на албанското малцинство при формирањето влада

Охрид, 30 април 2024 (МИА) – Левица нуди македонска платформа, со која конечно ќе биде запрено уценувањето од албанското малцинство при формирањето на идната влада. Тоа го порача партискиот лидер, Димитар Апасиев, на Народниот собир што го партијата Левица го организираше во Охрид во рамки на својата предизборна кампања.

- На избор пред граѓаните се три платформи, на нив останува за која ќе се определат на престојните Парламентарни избори на 8 мај. Првата е веќе познатата „Тиранска“ платформа. Независно дали се нарекуваат Европски фронт или Вреди, тоа е иста необалистичка матрица која тежи кон разградување на државата. Втората е „Софиската“ платформа што ја поддржуваат македонските буржујски партии, одродената македонска елита – СДС и ДПМНЕ, од кои едните ја поддржуваат отворено, другите латентно. Нашите информации говорат дека во првите сто до 200 дена е договорено внесување на Бугарите во Уставот. И третата, тоа е платформата што ја застапува Левица, а тоа е македонска платформа во пет точки, со цел конечно да запре уценувањето при составувањето влада од албанското малцинство, рече Апасиев.

Како што посочи тој, тоа е изборот, тоа се трите платформи на кои ќе се кршат копјата на 8 мај.

- Влегуваме во фото-финиш на кампањата, очекуваме минумум да го удвоиме резултатот од првиот круг од претседателските избори. Поддржавме независна кандидатка, тоа беше горе-долу очекуван скор. Но сега, доаѓаат нашите главни избори, на 9 мај ќе славиме од осум до 12 пратеници, тоа се нашите реални очекувања, рече Апасиев.

Јована Мојсоска, носител на кандидатската листа на Левица во Петтата изборна единица, од своја страна рече дека на овие избори партијата ја сведочи најавената пасокизација на социјалдемократите. Според неа, влезот на двајцата пратеници во Собранието покажал како треба да се води вистинска левичарска опција, за разлика од т.н. социјалдемократи кои изминатиот мандат ги распродале сите АСНОМ-ски идеали.

- Сведоци бевме дека тука во Охрид кога се отвораше фашистикиот клуб „Цар Борис“, Левица повика на масовен протест, а народот тоа го поддржа. Фијаското на СДС произлегува од тоа што ги предадоа сите АСНОМ-ски идеали врз кои почива Републиката, рече таа.

Мојсоска уште потсети дека ниту од СДС ниту од ДПМНЕ немало реакција на остранувањето на спомен-плочата на АСНОМ од пред дивоградбата на објект во Охрид. Таа порача дека првото што новата власт ќе направи е дека ќе ја врати отстранетата плоча, а Охрид ќе биде ослободен од узурпарот, советникот Нефи Усиени, кого го поддржувала секоја од досегашните власти. аб/дма/

фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан