• четврток, 04 декември 2025

Анкета: 49 отсто од жителите на Газа се подготвени да се иселат

Анкета: 49 отсто од жителите на Газа се подготвени да се иселат

Газа, 6 мај 2025 (МИА) - Речиси половина од жителите на Газа се подготвени да се преселат во други земји со помош на Израел, покажуваат резултатите од анкета објавена денеска, која исто така покажа значителна поддршка за протестите против Хамас.

Анкетата ја спроведе Палестинскиот центар за истражување на политиката и јавното мислење во Појасот Газа и окупираниот Западен Брег од 1 до 4 мај, околу шест недели откако израелските сили ја продолжија војната во Газа по прекршувањето на краткотрајното примирје.

Невладината организација со седиште во Рамала, која е финансирана од западни донатори, соопшти дека 49 проценти од испитаниците рекле дека би биле подготвени да се обратат до Израел за помош за да имигрираат преку израелски пристаништа и аеродроми, додека 50 проценти рекле дека не би го сториле тоа.

Израелските власти тврдат дека Израел ќе им помогне на жителите на Газа кои сакаат да ја напуштат енклавата, но досега не се преземени никакви поголеми чекори за да се убедат другите земји да ги прифатат Палестинците.

И покрај фактот дека во 19-те месеци војна, Израел го срамни со земја поголемиот дел од Газа и воведе блокада на хуманитарната помош, поради што 2,3 милиони жители се на работ на глад, многу Палестинци веруваат дека заминувањето би значело предавање на нивната татковина на Израел.

Одредени израелски министри не кријат дека сакаат да го раселат целото население од Газа, во согласност со планот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој би ја претворил областа во крајбрежно одморалиште под контрола на САД.

Анкетата, исто така, покажува дека 48 проценти од Палестинците во Газа ги поддржуваат протестите против Хамас што избувнаа во различни делови од енклавата, што е значително повеќе отколку кај Палестинците на Западниот Брег, каде што само 14 проценти ги поддржуваат протестите. ссм/

фото: архива

Остани поврзан