• недела, 22 декември 2024

Анкета: Чолаку и Чука во втор круг на претседателските избори во Романија

Анкета: Чолаку и Чука во втор круг на претседателските избори во Романија

Букурешт, 11 ноември 2024 (МИА) - Според социолошко истражување на Центарот за меѓународни истражувања и анализи (CIRA), лидерот на Социјалдемократската партија и актуелен премиер на Романија, Марчел Чолаку, и лидерот на Националнолибералната партија, Николае Чука, ќе се натпреваруваат во вториот круг од претседателските избори, пренесува весникот „Адевирул“.

Доколку изборите се одржеле оваа недела, Чолаку би освоил 29 отсто од гласовите, додека Чука би добил 19 отсто. На трето место е националистичкиот лидер Џордже Симион со 17 проценти, а веднаш по него е лидерката на опозицискиот „Сојуз за спас на Романија“, Елена Ласкони, со 16 отсто. Независниот кандидат и поранешен заменик генерален секретар на НАТО, Мирча Џоана, би освоил 9 отсто, додека независниот кандидат и ексминистер за надворешни работи, Кристијан Диаконеску, би добил 5 отсто од гласовите.

Според податоците, 70 отсто од анкетираните изјавиле дека сигурно ќе гласаат. Истражувањето е спроведено лице-в-лице од 1 до 6 ноември врз 1150 испитаници, со статистичка грешка од +/- 3%.

Првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 ноември, а вториот круг ќе се одржи на 8 декември, со вкупно 14 кандидати, исто како и во 2014 и 2019 година. Ова се деветти претседателски избори во Романија од револуцијата во декември 1989 година, со опаѓачка тенденција на излезност на гласачите: 1990 г. – 86,19%, 1992 г. – 76,29%, 1996 г. – 76,01%, 2000 г. – 65,31%, 2004 г. – 58,51%, 2009 г. – 54,37%, 2014 г. – 53,18%, 2019 г. – 51,18%, покажуваат податоците на агенцијата „Аџерпрес“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан