• понеделник, 23 декември 2024

Анализа: Нов национален план за чист воздух, императив за подобрување на аерозагадувањето  

Анализа: Нов национален план за чист воздух, императив за подобрување на аерозагадувањето  

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) – Владата да донесе нов национален план за чист воздух и да се обезбедат финансиски средства и институционални капацитети на општините и Градот Скопје за спроведување на нивните надлежности. Ова се главните препораки од анализата „Чист воздух – основно човеково право или неостварливи обврски за општините во Северна Македонија“ изработена од Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за правни истражувања и анализи.

На денешната презентација на анализата во хотел „Панорамика“ во Скопје, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер истакна дека е потребна поголема посветеност и притисок од страна на граѓаните.

- Самите политичари нема да делуваат доколку не се прави поголем притисок од страна на граѓаните, рече тој, дополнувајќи дека целта на истражувањето е да се поттикне популацијата и да се покрене свеста за овие теми.

Според Браун, загадениот воздух е една од причините зошто многу луѓе заминуваат од земјата и, како што рече, е еден вид на фактор кој што предизвикува миграција од ваков вид во други земји, покрај животните услови кои што се подобри во странство.

- Самото греење е проблем затоа што се користи јаглен што придонесува за штетни гасови во воздухот и загадување. Но, еве може да ви посочам дека Македонија има 270 сончеви денови во годината, што значи дека можеби би требало да се постават и соларни панели над куќите. Исто така, можеби е потребно да се воведат и возила како електрични автобуси за јавниот превоз. Со тоа што, разбирам дека сето ова бара средства, бара пари, бара финансии, но, сепак, ако ги земеме предвид сите последици кои ги има врз здравјето, пред сѐ врз дишните органи, како и кожните заболувања кои допрва се развиваат токму поради ваквите проблеми, неопходно е да се побара решение, рече тој.

Авторот на анализата, Никола Јовановски од Центар за правни истражувања и анализи, сподели дека анализата покажала дека прво, генералната врска лежи во Владата на Република Северна Македонија, и како што дополни, и на управните органи. Тој информираше дека национален план за чист воздух не е донесен од 2018 година.

- Донесување на нов национален план за чист воздух кој што не е донесен од 2018 година. Понатаму, реорганизација и зголемување на капацитетите на оние кои што се занимаваат со проблемот на животната средина во самите општини, бидејќи знаете дека немаме доволно екипираност. Тоа повлекува друго прашање, дали има доволно финансии за да се оствари целиот овој план. И нели, она што ние секогаш го велиме, подигање на свеста кај граѓаните, односно подобрување на сѐ она што може да придонесе за чист воздух, не само во градот Скопје, туку и во другите градови, бидејќи и во другите градови се појавуваат проблеми многу слични на оние во градот Скопје, вели Јовановски.

Тој рече дека е алармантно тоа што се појавува загаденост и во помалите општини од нашата земја, каде што немаме големи фабрики, односно индустриски капацитети, а сепак имаме загадување на воздухот. 

- Се поставува прашањето дали тоа е од начинот на греење, начинот на кој што се изведуваат работите во урбанизмот на некој начин запирање на продорот на воздухот во градот Скопје, или, пак, причината лежи во нешто друго, рече Јовановски.

Како најголеми загадувачи за во Скопје, ги издвои начинот на греење, природниот начин на струење на воздухот и можноста за вработување која е многу поголема од малите места.

Анализата претставува документ преку кој се утврдуваат проблемите и предизвиците од аспект на законската рамка, како и од аспект на вршење на надлежностите на релевантните институции во обезбедување квалитетен амбиентален воздух. Воедно оваа публикација дава анализа на правната рамка и актуелната состојба и генерира многу јасни и концизни препораки, чија што имплементација треба да придонесе кон целосна легислативна и функционална превенција од загадување на амбиенталниот воздух.

Таа, меѓу другото, заклучува дека постои сериозен недостаток на стратешко планирање во делот на заштита од загадување на воздухот поради тоа што не постои континуитет во донесувањето и спроведувањето плански документи на Владата, министерствата и општините и Градот Скопје во постапувањето во рамките на нивните законски надлежности. 

Поради отсуство на континуитет на планови кои предвидуваат мерки за квалитетен воздух, отсуствува конзистентност во креирање на политиките на справување со проблемите со загадувањето на воздухот, поради што дел од општините може да се видат и на регионалните, европските и светските листи за најзагадени градови или подрачја. 

Недостатокот на континуитет во стратешкото планирање и неконзистентните политики за справување со загадувањето на воздухот се впечатливи првенствено на централно државно ниво имајќи го предвид фактот дека Република Северна Македонија од 2018 година нема Национален план за заштита на амбиентниот воздух кој треба да биде со период од најмалку пет години. 

Овој недостаток се пренесува по вертикална линија сѐ до локално ниво, донекаде и поради оправдани причини, бидејќи не постои рамковен стратешки документ по кој би се раководеле сите останати планови на пониско ниво, а овој недостаток, всушност, создава и слаба институционална координација помеѓу централното и локалното ниво. 

Во општините во кои се на сила усвоени планови за квалитет на воздух, во принцип скоро и да нема технички ниту човечки капацитети за вршење на оваа конкретна законска надлежност. Скоро во сите општини, со исклучок на Градот Скопје, лицата кои се овластени за животна средина се овластени и за следење на состојбите, планирање на активностите и изработка на планските документи за квалитет на воздух.

Во рамки на настанот ќе се одржи и панел-дискусија на која авторите Александар Гоџо и Никола Јовановски ќе имаат можност да ги презентираат главните заклучоци и препораки од анализата, а свое излагање на темата ќе имаат заменик-Министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.ар/ев/

 

Остани поврзан