• петок, 19 април 2024

Агелер: Дискурсот на кампањата да биде фокусиран на суштинските прашања, а не на лични напади

Агелер: Дискурсот на кампањата да биде фокусиран на суштинските прашања, а не на лични напади

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска посочи оти се надева дека дискурсот на изборната кампањата ќе се фокусира на суштинските прашања, а не на лични напади. Таа порача кандидатите од целиот политички спектар да запомнат дека изборите се за граѓаните, но и за иднината на оваа држава.

-Кога би можел да дадам една препорака до кандидатите од целиот политички спектар, тоа би било да запомнат дека овие, но и сите други избори се за граѓаните на оваа земја. Тие се за иднината на која се надева и заслужува оваа земја и нејзиниот народ. Затоа, се надевам дека дискурсот на кампањата ќе се фокусира на суштинските прашања, а не на лични напади, бидејќи верувам дека луѓето се уморни од негативноста, изјави Агелер за порталот PRESSonline.al.

Како што потенцираше, дури тогаш гласачите ќе можат да направат избор меѓу кандидатите за оние за кои веруваат дека најдобро ќе им помогнат да ги остварат своите надежи и соништа за себе, нивните деца и нивното општество.

Агелер напомена оти се надева дека овие одлуки ќе ја доближат државата до целосна интеграција во европската заедница. Таа нагласи дека владините институции треба да воспостават процеси за слободни и фер избори за претседателските и парламентарните избори.

-Гласачите мора да се информираат преку сигурни извори на информации, а да ги препознаат и отфрлат сите дезинформации и манипулации. И што е најважно, гласачите мора да гласаат! Демократијата функционира кога сите ја исполнуваме нашата обврска. Моите очекувања за изборите се исти како и оние на гласачите, а тоа е целиот процес, од периодот на кампањата до формирањето на идната влада, да се одвива на транспарентен начин, преку кој ќе се обезбедат слободни и фер избори, подвлече Агелер. бт/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан