• вторник, 24 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
28 октомври 2020 Свети 40 битолски преподобномаченици  Во втората половина на 14 век многу македонски градови потпаднале под османлиско ропство. Меѓу другите таква судбина доживеал и градот Битола, кој тогаш се викал Манастир, поради големиот број манастири, цркви и скитови. Градот бил заземен по долга опсада. Војниците три дена ограбувале и убивале, особено биле жестоки кон свештениците и монасите. Целиот град претставувал една тажна слика. Поголем број монаси од повеќе манастири и скитови, поточно 39 на број што ги преживеале страшните настани се повлекле во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“. Но Османлиите и овој манастир не го оставиле спокоен. Го нападнале, ги заробиле монасите, потоа жестоко ги измачувале и на крајот ги фрлиле во затвор. Како што често се случувало во вакви случаи се обиделе и да ги придобијат за својата вера. Ги наговарале да се откажат од Христа ветувајќи им богатство, раскош и други земни задоволства. Но монасите ни по цена на своите животи не се откажувале од својата вера. Се обиделе да ги придобијат и со дијалог и убедување која вера е подобра. Монасите дијалогот го воделе со љубов кон верата и со познавање на Светото писмо и така излегле победници во препирката. Еден Турчин по име Хасан кој бил преведувач и кој го следел дијалогот одушевен од постапките на монасите, од нивната духовна длабочина и смирение, од силната вера и посилната храброст, посакал да си ја мени верата и да го прими христијанството. Во еден момент на вдахновение извикал: „Голем е Богот на христијаните и јас сум Христов“. Тоа многу ги збунило Османлиите. Тие најпрвин го претепале, а потоа го затвориле заедно со монасите. Преку ноќта монасите му го објасниле Евангелското учење, цела ноќ се молеле и со тоа уште повеќе му ја зацврстиле верата во Христос. Утрото сите ги повеле кон Баирскиот рид каде што имало голем камен кој уште постои за таму да им ги отсечат главите. Одејќи кон губилиштето монасите се однесувале како да одат на свадбена веселба. На 9 март (с.с.) 1385 година Османлиите им ги пресекле главите и така завршил земниот живот на овие свети Битолски преподобномаченици. Телата им биле расфрлени по недостапни места на планината Баба сè со цел да не можат христијаните да ги погребат и да исчезне споменот за нив. Но споменот за нив никогаш не исчезнал и верниците и денес секоја година се собираат кај храмот што бил изграден над каменот каде што тие биле обезглавени, и каде што се пролеала нивната крв. Тука се случиле бројни чуда. И денес местото се вика „Крк Кардаш“ што преведено од турски значи „четириесет браќа“. Четириесетте битолски маченици беа прогласени за светци од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на 28 октомври 2012 година. По тој повод во Битола се одржа Свечена литургија со која чиноначалствуваше неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со митрополитот на Преспанско-пелагониската епархија г. Петар и многубројно свештенство. Притоа беше осветена и иконата, а се одржа и свечена литија низ улиците на Битола. Марко Цепенков забележал предание според кое „над градо Битола помеѓу лозјата Бадем-баалари“ имало еден турски гроб соѕидан од камен „колку десет чекори долго и толку широко, а внатре било празно со трева пораснато“. Во тој гроб во старо време била закопана една девојка Туркиња со четириесет нејзини деца. Имено таа девојка, според преданието, родила четириесет деца во дваесет и четири саати и сите деца биле машки, малечки како некој пилци и сите умреле. Откако ги родила децата и девојката умрела и тамо ја закопале заедно со децата. И за приказ се направил тој гроб и го нарекле „Крк кардаш“. „Турците како за светија и земат тие четириесет браќа, та му определиле стари жени за да му палат ката петок свеќи и кандило.“ Цепенков уште забележал дека и во Прилеп имало некој гробишта до селото Варош што се викале Крклари (крк кардаш – четириесет браќа). Тие не биле родени браќа, туку браќа по клетва, за да го погубат Кралевиќ Марка, ама сите загинале од Марка и тамо биле закопани. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан