• сабота, 23 ноември 2024
МИА Флеш

13 февруари 2024

-Граѓаните да си ги заменат документите со новото име на државата, порача техничкиот премиер Талат Џафери за коментар на состојбата на 650 илјади македонски граѓани кои до денес не можат да ја напуштат државата поради неважноста на нивните пасоши со името Република Македонија. Од вечерва на полноќ никој со ваков пасош не може да ја напушти државата, поради примена на член 10 од Преспанската спогодба, со кој од денес веќе не важат документите на кои стои старото име на државата „Република Македонија“ откако помина петгодишниот техничкиот преоден рок. – Прво и основно ние ги направивме првите чекори за прашањето за внатре комуницирање и движење безбедно на граѓаните. Во однос на потребите за комуницирање со надвор секако дека се преземаат организациски процедури за да се обезбедат соодветните документи и процедури за издавање на соодветните документи и така како што настапувате јас се надевам дека 650 илјади граѓани истиот ден денес ниту имаат потреба, ниту пак има можност да ја напуштат државата. Така што, сукцесивна работа, навремено и самите граѓани да се најават и да се обратат до подрачните единици на МВР за да можат да покренат постапка за замена на документите, беше одговорот на Талат Џафери од Тетово.

-Министерот за правда Кренар Лога на предлог на Јавното обвинителство на РСМ ја именуваше Ленче Ристоска  за јавен обвинител за врски со Европравда. - Лога и посака успешна работа на Ристоска со желба да се продолжи континуитетот на  досегашната соработка со Европравда, соопшти Министерството за правда. Огласот од страна на Јавното обвинителство беше отворен од декември 2022 година согласно член 112 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја. Соработката со Европравда е од исклучително значење за Република Северна Македонија од аспект на борбата со прекуграничен криминал и борбата против тероризмот, соопшти Министерството за правда.

-Обиколницата на Тетово која почна да се гради денеска со поставување камен-темелник ќе биде можност возилата од автопатот наместо да влегуваат во градот преку делницата Требош до Непроштено да продолжат на регионалниот пат од Тетово-Јажинце во правец кон Косово. За да се изгради оваа делница од 5,4 километри ќе се потрошат над 12,2 милиони евра. Техничкиот премиер и министрите кои присуствуваа на поставувањето камен-темелник потенцираа дека оваа Влада инвестира рекордни средства за инфраструктура. - Започнавме со реализација на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја, изградбата на Коридорот8 и Коридорот 10-д, европски коридори кои ќе нè поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар. Овие неколку години изградивме и рехабилитиравме 1400 километри патна мрежа, само во патната инфрасктура вложивме преку 2 милијарди евра, истакна премиерот Џафери.

-Српкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека Грција, членка на ЕУ, благодарение на договорот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис се вклучува во проектот за градење брза пруга од Будимпешта преку Србија и Северна Македонија до Грција, што е историска победа за Западен Балкан бидејќи Европскиот Коридор 10 повторно ќе стане еден од најважните европски коридори, јави дописникот на МИА од Белград. Весиќ во изминатите неколку дена беше домаќин на својот грчки колега, министерот Христос Стајкурас, со кого патуваше за Нови Сад со брзиот воз „Сокол“ и му ги покажа 76-те километри брза железница која веќе е во функција и како напредуваат работите до Суботица.

-Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска изјави дека САД е целосно јасна во својот став дека не може да има еднострани потези и дека таквите потези ќе имаат последици, јави дописникот на МИА од Белград. Ескобар ова го искоментира во врска со одлуката на Приштина да го одложи спроведувањето на Централната Банка на Косово за забрана за употребата и оптек на динари на Косово и посочи дека за овие прашања треба да се комуницира со рокови кои не го засегаат населението. -Подготвени сме да помогнеме во решавањето на проблемот, но и Белград и Приштина мора да се вратат на дијалогот и да ги почитуваат постоечките договори, рече Ескобар на приемот во Вашингтон по повод Денот на српската државност. Според него, многу од овие прашања може да се решат со формирањето на Заедница на српски општини (ЗСО).

-Поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој го предводеше тимот кој во 2015 година во екот на политичката криза во Северна Македонија состави извештај за системските проблеми со владеењето на правото, што резултираше со договор меѓу лидерите на четирите најголеми партии и доведе до формирање на преодна влада и услови за фер избори, изјави дека сето тоа би било невозможно без поддршката на властите во Македонија. Прибе во контекст на Резолуцијата на ЕП за изборите во Србија, во која се споменува тој извештај, посочува дека српските власти мора сериозно да ги сфатат критиките за организација на декемвриските избори, да „не смеат да го согледаат тоа како непримерно мешање во внатрешните работи на државата“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Посетата на Владимир Путин на Анкара, која беше најавена за оваа недела, се одложува за по претседателските избори во Русија, и локални избори во Турција, кои се одржуваат следниот месец.Од првиот ден, овој настан привлече големо внимание кај меѓународната јавност, затоа што тоа треба да биде, кога ќе се реализира, прва посета на шефот на руската држава на земја на НАТО од почетокот на руската инвазија врз Украина.Како што се дознава во дипломатски кругови во Анкара и Москва, посетата ќе биде реализирана кон „крајот на април или почетокот на мај“. Покрај одложувањето, подготовките „интензивно продолжуваат“, но датумот на посетата „допрва треба да биде договорен“, пренесоа турски медиуми.

-Полскиот премиер Доналд Туск најави дека неговата земја сериозно смета на подготвеноста на Франција да ги стави на располагање своите нуклеарни воени капацитети за заедничка европска безбедност. Тој вчера ги посети Париз и Берлин по што предупреди дека руската нуклеарна закана не е апстрактна, бидејќи и Варшава и Берлин се во дострелот на руските ракети Искендер. „Ги сфаќам многу сериозно зборовите на претседателот (Емануел) Макрон дека Франција е подготвена во рамките на своите можности да го искористи својот нуклеарен потенцијал за да стане дел од целокупната европска безбедност. Тие сигнали доаѓаат веќе некое време и треба да им се пристапи многу сериозно“, рекол Туск за време на разговорот со францускиот претседател, пренесоа денеска полските медиуми.  „Тоа се 100 нуклеарни боеви глави, можеби и повеќе. Поради некоја причина тие се модернизирани, а во последно време ги има повеќе во областа Калининград“, рече Туск.

-Руските власти распишаа потерница по естонската премиерка Каја Калас, пренесе Бета. Калас во Русија се товари за „кривичен случај“, пишува денеска во соопштение на веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи. Не се прецизира за какво кривично дело или прекршок се товари Калас. Потерница е распишана и по државниот секретар на Естонија Таимар Петеркоп и литванскиот министер за култура Симонас Кајрис. Распишувањето потерници ги зголемува тензиите меѓу Русија и балтичките земји по нападот на Кремљ врз Украина.

-Украина тврди дека има докази дека Русија истрелала напредна хиперсонична ракета - за која експертите велат дека е речиси невозможно да се собори - за прв пат во војната која трае речиси две години. Киевскиот владин научно-истражувачки институт за форензички експертизи во објава на Телеграм објави дека остатоците пронајдени по нападот на украинскиот главен град на 7 февруари укажуваат на употребата на хиперсонична крстосувачка ракета „Циркон“ од страна на руската војска, пренесува Си-Ен-Ен. „Ознаки на делови и фрагменти, идентификација на компоненти и делови, како и карактеристики на соодветниот тип на оружје“ укажуваат на првата употреба на „Циркон“ во борба, соопшти институтот, кој е дел од Министерството за правда на Украина. Објавата на Телеграм беше придружена со видео на кое се гледаат остатоци за кои се верува дека се од новата ракета.

-Израелска делегација денеска отпатува во Каиро на нови разговори со американски, катарски и египетски претставници за договорот за прекин на огнот во Газа, кој вклучува ослободување на израелските заложници од заробеништво на Хамас, соопштија израелските власти. Шефот на израелското разузнавање Мосад Давид Барнеа и шефот на израелската безбедност Ронен Бар ќе се сретнат со директорот на ЦИА Ричард Барнс, додадоа официјални лица. На нив ќе им се придружи и катарскиот премиер Мохамед бин Абделрахман Ал-Тани, кој е и министер за надворешни работи и претходно преговараше за неколку договори за прекин на огнот во Газа. Во оваа фаза не е планирано пристигнување на делегација на Хамас во Каиро за да учествува во тие индиректни дискусии спонзорирани од Катар и Египет, изјави официјален претставник на палестинската организација.

-Напнатоста во односите меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се намалува поради односот на Нетанјаху кон војната во Газа. Според извори на Ен-Би-Си, Бајден наводно три пати употребил остар и навредлив термин за лидерот на сојузничката земја. Од нападот на палестинскиот Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и почетокот на војната во Газа, Бајден се обиде да го убеди Израел да ја промени својата воена стратегија, но Нетанјаху се зарече дека ќе води војна додека Израел не „постигне целосна победа“ и не „го уништи Хамас". „Тој едноставно чувствува дека е доволно, дека тоа (во Газа) мора да престане. Бајден рече дека се обидува да го натера Израел да се согласи на прекин на огнот, но Нетанјаху „му прави проблем“ и дека е невозможно да се справи со него, рекоа анонимни претставници запознаени со ставовите на Бајден.

-Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека постои низок ризик од пренесување на птичји грип од човек на човек, откако Кина претходно пријави смртен случај на заразен со комбинација на соеви Х3Н2 и Х10Н5. „Не е откриен ниту еден нов сомнителен случај меѓу луѓето преку испитувања и тестирања кои ги спроведуваат властите“, соопшти СЗО. Во соопштението се додава дека се смета дека видовите на вирусот на птичји грип не стекнале капацитет за трајно пренесување на луѓе.

Остани поврзан