1 април 2026
Прилеп - Ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утревечер од 20 часот на „Сцена 105“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ премиерно ќе ја прикаже претставата „Саатот“ од Лидија Митоска Ѓорѓиевска во режија на Кристина Димитрова. Ова е прва претстава на театарот од годинашната програма.
Драмскиот автор Лидија Митоска Ѓорѓиевска која како драматург работи во Театарот е со посебни впечатоци дека ќе се постави на сцена нејзиното прво драмско дело кое е и наградувано. Ова е претстава за судирот помеѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста - две спротивности од кои, колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
-Имам чудно и интересно чувство за тоа дека мое дело е поставено на сцената на прилепскиот театар. Чувствата се измешани, горда сум, но не ретко бев таа која барав да се смени тектот. Исполнета сум, а имам посебна благодарност до екипата на театарот која толку добро го претстави тетстот во целосна претстава, рече Митосака Ѓоргиеска.
Струга - Со 2,12 промили алкохол во крвта и со активна забрана за возење две лица од Струга и струшко управувале автомобили, полицијата ги привела, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга вчера во 22 часот и 30 минути на улицата „Партизанска“ во Струга, го лишиле од слобода М.С.(50) од селото Франгово.
- При сообраќајна контрола, полициски службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал. По преземени мерки било констатирано дека возилото го управувал под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,12 промили алкохол во крвта, стои во соопштението.
Карбинци - Рекордно е зголемен данокот на имот оваа година во Општина Карбинци, по спроведените репроценки и проширувањето на основите за оданочување, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Карбинци Виктор Паунов. Тој истакна дека Општината навремено ја завршила обврската за генерирање решенија. Според него, очекуваната наплата е зголемена за четирипати во однос на минатата година. Општината веќе ги чувствува бенефитите од ваквиот тренд.
-Заклучно со рокот за доставување, односно генерирање на решенија за данок на имот, Општина Карбинци оваа година си ја врши сопствената обврска, онака како што треба, затоа што самиот облак на генерирање на даноци на имот по разни основи, оваа година е рекордно зголемен, пред се поради фактот што Општината започна пред извесно време постапка за репроценки на данок на имот на територија на Општина Карбинци. Најголем дел поради фактот што инвестициите се во делот на енергетскиот сектор, оваа година прв пат се предмет на даночење и Општината го чувствува веќе овој бенефит од истите-рече Паунов.
Тетово - Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово кој е формиран во септемри 2025 година, најавува два големи велигденски концерти под заеднички наслов „Блесоглас“, кои ќе се одржат на почетокот на април во општините Брвеница и Јегуновце и ќе бидат слободни за следење.
Првиот концерт е закажан за 4 април (сабота) во општинската спортска сала во Брвеница, со почеток во 18:30 часот. Веднаш следниот ден, на 5 април (недела), хорот ќе настапи во местото Пештер во Јегуновце со почеток во 12:30 часот.
-Градскиот мешан хор „Балтепе“ е релативно нов состав, формиран во септември 2025 година на иницијатива на група ентузијасти. И покрај краткиот период на постоење, хорот веќе зад себе има значајни настапи на јубилеите на планинарскиот клуб „Љуботен“ и градскиот хор „Вардар“ од Скопје, информира диригентката Ѓорѓеска – Каро, која е основач на тетовскиот хор.
Куманово - Основното јавно обвинителство Куманово продолжува со истрагата против 25-годишниот жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за две убиства. Од обвинителството информираат дека во тек е прибирање на докази и се чекаат резултатите од наредените ексхумации, обдукции и психијатриско вештачење.
Како што изјави обвинителот Љубомир Лапе, издадени се и наредби за утврдување на локации преку базни станици на телефони, како и други видови вештачења кои треба да помогнат во расчистување на случајот.
Неготино - Кривична пријава е поднесена против двајца членови на ловечко друштво во Неготино, кои со извршени повеќе кривична дела го оштетиле друштвото за над 2,5 милиони денари, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи Велес.
- ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Д.М.(56) од Неготино поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „проневера во службата“ и „несовесно работење во службата“ и против К.М.(33) од Неготино поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „проневера во службата“, „несовесно работење во службата“, „уцена“ и „попречување на правдата“, соопштија од СВР Велес.
Дојран - Со креативни маски и пораки реализирани во заедничка соработка на учениците и наставниците, низ 18 групни маски од сите одделенија, 1 април, денот на шегата, се одбележа во основното училиште „Кочо Рацин“ во Нов Дојран.
Низ училишната бина продефилираа дечиња во боите на виножитото промовирајќи го другарството и еднаквоста, се претставија маски на весели пилиња, бубамари, ноеви, пирати, индијанци, богови од грчката митологија, титови пионери, штрумфови. Дел од маските беа со локален предзнак како дојрански туристи и дојрански маријачи, а тематски се претставија и народни веселби, како и маска инспирирана од познатиот српски филм „Зона Замфирова“.
Кочани - Креативни маски, игри, песни и многу шеги можеа да се забележат денеска во Паркот на револуцијата во Кочани, по повод одбележувањето на 1 април, Денот на шегата.
Цветчиња, пчели, пеперутки, принцези, муви и главни ликови од цртаните филмови продифилираа низ улилиците во Кочани.
Манифестацијата „Априлијада“ се одржа пред платото на Центарот за култура „Бели Мугри“, а со ритмички точки се претставија дечињата од Детската градинка „Павлина Велјанова“ и учениците од одделенска настава од сите основни училиштата.
Штип - Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип продолжи со реализација на настани од серијалот посветен на темата Вештачка интелигенција во образованието. Деканот на Факултетот за образовни науки при УГД-Штип, Трајче Стојанов вели дека обуките за студентите и наставниот кадар во училиштата и градинките почнале лани, а продолжуваат и оваа година.
-Денеска веќе имаме обука за софтвер, алатка која помага на наставниците во планирањето на нивните активности. Факултетот за образовни науки ги иницира овие активности за најновите трендови во образованието, кои ја вклучуваат и вештачката интелигенција и употребата на најсовремените технологии. Тоа е тренд кој нашиот факултет, а и современото образование сакале - не сакале мора да го следи – рече Стојанов.
Свети Николе - Фирма од Свети Николе била мета на компјутерска измама. Штетата е 44.222 евра, а средствата биле уплатени за набавка на репроматеријали. Но, парите не пристигнале на банкарска сметка на фирмата во Италија, туку трансакцијата била пресретната и средствата стигнале на непозната сметка во Португалија.Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип информира дека на 27.03.2026 во 22:25 часот во Полициската станица Свети Николе, 24-годишна жена од Свети Николе пријавила дека со компјутерска измама нејзината фирма била оштетена за сума од 44.222 евра.
-Имено, на 18.03.2026 вработена во фирмата направила нарачка на репроматеријали од фирма од Италија, а на 24.03.2026 добиле известување на електронска пошта од фирмата од Италија за промена на банкарска сметка со профактура во прилог, соопштуваат од СВР-Штип.