МИА Општински пул
- 1 април 2026
1 април 2026
Дебар - Во Општина Маврово и Ростуше, во оваа академска учебна година, право на еднократна финансиска помош остварија 44 студенти, запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Македонија за академската 2024/2025 година.
-На јавниот повик објавен во март беа пријавени 45 студенти, редовни и вонредни, но кои не се вработени. По разгледување на доставените пријави, соодветната комисијата, одлучи 44 од нив да го остварат ова право, што е за 25 студенти повеќе. Набрзо се очекува средствата во износ од по 12 илјади денари, што е за 2 илјади повеќе во однос на минатата академска години да им бидат исплатени, рече за МИА, Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за информирање во општината.
Според него оваа финансиска помош се доделува, петта година по ред, со цел мотивирање на младите да го продолжат школувањето на високо образовните институции и да се трудат редовно да ги полагаат испитите.
Куманово - СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Т. (40) и М.Д. (43), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уцена“.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, на 7 февруари 2026 година, првопријавената, која била поранешна вработена во угостителски објект во Куманово, го уценувала сопственикот дека доколку не ја врати на работа или не ѝ исплати 5.000 евра, ќе објави фотографии на социјална мрежа.
Со фотографиите, како што се наведува, таа се заканувала дека ќе прикаже наводно несоодветно ракување со храната во објектот, со цел да создаде негативна слика за угостителскиот бизнис. Во извршувањето на делото ѝ помагал второпријавениот.
Дебар - Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај и потпретседателот на Здружението „ВАРДАР-МКД“ од Подгорица, Црна Гора, Никола Ангеловски, потпишаа Меморандум за соработка.
Целта, на документот потпишан во Тирана, е заедничка промоција на македонските национални малцинства во Република Албанија и Република Црна Гора на национално и меѓународно ниво.
-Искажавме интерес за градење на партнерство во спроведување на конкретни проектни активности со намера да ги реализираме заедничките цели преку заеднички проекти и активности, информираше Ѓурѓај.