МИА Општински пул
- 30 март 2026
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 23 до 29 март со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 103 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од јавното претпријатие.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа, како што велат оттаму, ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Скопје - Во Градски трговски центар А.Д. Скопје в среда на 1 април ќе се одржи традиционалната детска манифестација „Априлијада“ во организција на ЈУ Детски културен центар „Карпош“ под покровителство на Град Скопје.
Во рамки на програмата, ќе има ревија на маскирани деца од градинки, ученици од основни училишта со танцови точки кои ќе ја збогатат атмосферата со динамични и ритмички кореографии. Програмата продолжува со настапи на балетската секција при Детскиот културен центар – Карпош пропратена од солисти - деца изведувачи на песните од ЗОО Азбука, балетското студио Бреак А Лег и Марбал и Златните славејчиња. Театар за тебе ќе има своја уникатна изведба.
-Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката. За крај на програмата публиката ќе има можност да ужива во уникатната изведба на сегменти од познатиот детски мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ изведени на македонски јазик од студиото за деца и младинци Бродвеј јуниор, информираат од ЈУ Детски културен центар „Карпош“.
Делчево - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во посета на Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар изврши увид во активностите за непосредна заштита на Спомен-домот на Разловечкото востание, еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода.
-Денеска сум во Разловци, каде што заедно со стручната екипа од Националниот конзерваторски центар извршивме увид во конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода, Спомен-домот на Разловечкото востание. Оваа година, на 20 мај, одбележуваме 150 години од Разловечкото востание, јубилеј кој нѐ обврзува со уште поголема посветеност да го зачуваме и достоинствено да го претставиме нашето културно-историско наследство, рече Љутков.
Во рамките на целосната обнова на Спомен-домот, кој со години беше оставен на забот на времето, се изврши ревидирање на постојниот Основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза.
Скопје - За цела општина Аеродром останува да важи старото правило, според кое секој резидент (физички и правни лица) може да се паркира на сите зони на територијата на општината, без да плаќа надоместок, како што беше најавено, од 1 април.
- Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право - објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на „Фејсбук“.
Тој соопшти дека на директорот на ЈП „Градски паркинг“ му е дадена насока, во Реонскиот центар во Аеродром, каде што се воведува зоната D12, да остане да важи старото правило.
- Секој резидент - физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината, без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром. Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче. Веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација по што ќе следува и поставување информативни табли. Со ова ќе се обезбедат вкупно 2.719 паркинг-места, кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем - наведува скопскиот градоначалник.
Струга - Општина Струга ги известува корисниците на јавни површини да поднесат барање согласност со програмата за поставување на урбана опрема на територијата на Општина Струга за 2026 година.
Формуларите за барањата, според информацијата се објавенина официјалната веб-страница на Општина Струга, а крајниот рок за поднесување е 30 април.
- По истекот на овој рок, секое користење на јавни површини без одобрение ќе се смета за узурпација на јавна површина. Против сите субјекти кои нема да го почитуваат овој рок ќе бидат преземени соодветни казнени мерки, вклучително и итно отстранување на урбаната опрема, а целокупната одговорност ќе ја сносат самите корисници/узурпатори, соопшти Општина Струга.
Росоман - Заврши увидот во Росоман каде син уби мајка, издадена е наредба за обдукција, информираат од Обвинителството за МИА.
- Увидот е завршен, издадена е наредба за обдукција и други дејствија што треба да се преземат. Во текот на денот се очекува информација за натамошниот тек на постапката, соопштија од Обвинителството.
Како што соопштија претходно од МВР, приведен е 27-годишен жител на Росоман кој изутрината со остар предмет ја убил неговата мајка, следува пријава.
- На 30.03.2026, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода И.Р.(27) од Росоман. Во СВР Велес тој сам пријавил дека утрово околу 07:30 часот во семејниот дом со употреба на остар предмет и нанел убодни рани на неговата 54-годишна мајка, која од здобиените повреди починала. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци, соопштија од МВР.
Куманово - Општина Куманово има волја да го преземе објектот на поранешен „Пионерски дом“, но досега поднесените шест иницијативи биле одбиени, соопшти на последната седница на Советот градоначалникот Максим Димитриевски.
- Во делот на предавање на овој објект во сопственост на Општина Куманово, во сите шест иницијативи бевме одбиени. Последниот разговор со заменик-министерот во ресорното министерство е дека постои политичка волја истиот да ни се отстапи, за да можеме првично да го исчистиме, потоа физички да го заштитиме и да спречиме неосновано влегување на трети лица, како и да изработиме целосна техничка документација за негова реконструкција-изјави Димитриевски.
Клучниот проблем останува правниот статус на објектот. Според важечките урбанистички планови, објектот е наменет за образование, додека во моментов дел од просториите ги користи детска градинка.
-Не постои ниту еден законски основ објектот да се впиши во имот на Општина Куманово и на градинката „Ангел Шајче“, затоа што има намена образование, а не социјална и детска заштита. Тоа значи дека при реализацијата на проектот своевремено е прекршен законот, но за жал никој досега не одговарал-кажа Димитриевски.