МИА Општински пул
- 30 март 2026
30 март 2026
Росоман - Лишен од слобода е 27-годишен жител на Росоман, кој утрово со остар предмет ја убил неговата мајка, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
- Полициски службеници од ОВР - Кавадарци денеска го лишија од слобода И.Р., на возраст од 27 години од Росоман. Во СВР - Велес, тој сам пријавил дека утрово околу 07:30 часот во семејниот дом со употреба на остар предмет ѝ нанел убодни рани на неговата 54-годишна мајка, која од здобиените повреди, починала. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош - Кавадарци. Увид на местото вршат јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Кавадарци и увидна екипа од ОВР - Кавадарци, соопштија од МВР.
Битола - Јавната установа Национален парк „Пелистер“ почна со подготовки за претстојната сезона во која се очекува зголемен број посетители и љубители на планината.
Директорот на ЈУНП „Пелистер“-Битола Иванчо Тошевски информира дека изминатиот викенд, екипи на установата ја исчистиле патеката која води до Видиковец кој е на 2.000 метри надморска височина.
-Изминатиот викенд целосно е исчистена кружната патеката која води до Видиковец 2000 м.н.в и отстранети се околу 30-тина дрвја од патеката. Активно работевме на уредување на детската патека наменета за еколошка едукација, а на дел од инфоцентарот поставуваме подно греење кое треба да овозможи попријатен престој за сите посетители. Подготовките за претстојната сезона се во полн ек, посочи Тошевски.
Охрид – Охридската Градска библиотека минатата седмица го реализираше проектот „Книгата поблиску до старите лица“.
Во рамки на активностите вработени од библиотеката беа во посета на Геријатриското одделение на Општата болница, како и на Здружението на пензионери од општините Охрид и Дебрца, при што се донирани книги што ќе послужат како основа за формирање интерни библиотеки.
Остварени се средби и со дел од членовите на Програмата за грижа за стари лица „Најди време“ при Црвен крст од Охрид.
Притоа на присутните им се подарени донирани книги, а им е продолжено за уште една година и бесплатното членство во Библиотеката „Григор Прличев“.
Кочани - На покана од Центарот за туристичко истражување и развој на планинските центри во Европа, претставници од Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Осогово“ од Кочани учествуваа на Самитот на планински центри од Централна Европа – MoReSCE 2026, што се одржа од 24 до 26 март на Копаоник.
Станува збор за значаен меѓународен настан на кој учество зедоа еминентни експерти, претставници на институции и менаџери на планински центри од повеќе европски држави.
Во фокусот на дискусиите, како што велат од ПСК „Осогово“ беа иднината на планинскиот туризам, актуелните предизвици со кои се соочува секторот, како и можностите за негов одржлив развој.
Скопје - Водата на скопската територија е квалитетна и безбедна за пиење, соопштија утрово од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.
Јавното претпријатие го објави неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите, спроведени во Секторот за санитарна контрола.
- Секторот за санитарна контрола во периодот од 23 до 27 март зема 186 примероци за физичко-хемиска и 186 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираа од јавното претпријатие.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 23 до 29 март со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 103 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од јавното претпријатие.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа, како што велат оттаму, ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.