• четврток, 14 ноември 2024

Џафери се сретна со новоименуваната грчка амбасадорка Филипиду

Џафери се сретна со новоименуваната грчка амбасадорка Филипиду
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на Грција во земјава, Софија Филипиду. - Џафери, упатувајќи честитки за именувањето на функцијата и посакувајќи и успех во нејзината работа, изрази очекување за продолжување на континуитетот на соработката со Амбасадата во Скопје. Преземените чекори од двете влади во изминатите години овозможија поинтензивна билатерална соработка, вклучително и наше членство во Јадранско-јонската инцијатива, како и членство во НАТО, истакна претседателот на Собранието. Тој додаде дека во тие рамки, зајакната е и институционалната соработка на поле на одбраната, во однос на заштитата на воздушниот простор на земјава. - На средбата стана збор и за проактивната иницијатива од наша страна за реализација на билатерални посети на сите нивоа, вклучително и на ниво на претседатели на парламенти, како и за напредокот на полето на евроинтеграциите и претстојните активности со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата во процесот на преговори за членство во ЕУ, се вели во соопштението од собраниската Прес-служба. Амбасадорката Филипиду се заблагодари за реализацијата на средбата, изразувајќи согласност дека со Преспанскиот договор има продлабочување на односите, но секогаш постои можност за понатамошна динамизација и внесување на дополнителна енергија во неговата имплементација. Важен сегмент од оваа соработка е унапредувањето на парламентарната димензија и размената на искуства меѓу парламентарците за прашања од взаемен интерес. Од нејзина страна беше повторен официјалниот државен став за целосна поддршка за членство на земјава во ЕУ и обезбедување на помош и експертиза во текот на овој процес, како и поддршката од грчката Влада за справување со енергетската криза. Соговорниците се согласија дека заедничката соработка и помош за украинскиот народ и институции во рамките на НАТО треба да продолжи, а потенцијалите во доменот на економијата, инфраструктурата и туризмот треба соодветно да се искористат од страна на двете држави. сст/сп/

Остани поврзан