• сабота, 23 ноември 2024

ЈП „Водовод“ Куманово доби современа опрема за фабриката за преработка на вода

ЈП „Водовод“ Куманово доби современа опрема за фабриката за преработка на вода
Куманово, 12 ноември 2021 (МИА) - Современа опрема за филтер станицата во Куманово, доби јавното претпријатие „Водовод“ Куманово, информираа денеска надлежните. Опремата е модерна, современа и обезбедува поефикасно работење на претпријатието. Дел од опремата е обезбедена со средства од Министерството за транспорт и врски, а дел е набавена со средства од буџетот на претпријатието. Во новата опрема е и современа баждарница за водомерите поставена во реконструираните постоечки простории на старата фабрика за преработка на вода. Со ова решение, појаснуваат стручните, се обезбедува континуирано водоснабдување со потребен притисок на целата фабрика за преработка на вода, како и на новата баждарница за водомери со што се очекува намалување на загубите на вода од три до пет проценти. Дел од опремата се однесува на хлорната постројка каде во целосно реновираните простории, е инсталирана најсовремена опрема за автоматизирање на процесот на хлорирање со што обезбедува пософистициран, мониториран и побезбеден процес на обработка на суровата вода. - Во рамки на проектот „СКАДА“ завршен проект е баждарница и пескара која е во вредност од 10 милиони и 600 илјади денари. Наскоро се очекува да завршат обуките и добивање на акредитации од бирото за метрологија. Со овој проект, јавното претпријатие „Водовод“ ќе врши баждарење и сервисирање на заменетите постоечки водомери. Втората опрема е набавка на хлорна постројка, реализиран од сопствени средства на „Водовод Куманово“ и е во износ од 6.600. 000 денари без вклучен ДДВ. Тој е веќе во функција, изјави в.д директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски. Главниот и одговорен инженер за машинско одржување, Бојан Петрушевиќ, појаснува дека дел од набавената опрема баждарница со машина за пескарење на водомери, а вториот дел е постојка за хлорирање на суровата вода што доаѓа до филтер станицата. - Конкретно за делот за баждарницата и самата пескарница опремата претходно што беше е постара од 40 години и е заменета со нова, современа, дигитална и е по стандарди за квалификација и систематизација, од бирото за метрологија на земјава. Со оваа техника што ја добиваме во делот на баждарење и на верификации и калибрација на водомерите за домаќинства и за индустрија ќе имаме еден вид лична карта за секој водомер и ќе знаеме точно, кога, каде кој е баждарен, кога е систематизиран и калибриран. Во однос на постојката за хлорирање така исто така е заменета во текот на години од како е и самата филтер станица, но последнава што е добиена од набавка на ЈП Водовод Куманово е најсовремена, побезбедна е за ракување, сите информации што ги добиваме ги отчитуваме во реално време, тие се систематизираат и складираат на определено место и истите податоци можеме потоа да ги анализираме и да дадеме точност кон надлежните органи, изјави Петрушевиќ. ам/цр

Остани поврзан