• понеделник, 16 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Вицепремиерот Фетаи се сретна со директорот на НДИ Дејвид Сип

Вицепремиерот Фетаи се сретна со директорот на НДИ Дејвид Сип

Скопје, 14 март 2025 (МИА) - Вицепремиерот за политики за добро владеење Арбен Фетаи денеска се сретна со високиот резидентен директор на Националниот демократски институт (НДИ) во Северна Македонија Дејвид Сип и неговите соработници.

За време на средбата, како што информира Кабинетот на Фетаи, се дискутираше за приоритетите во работата на Кабинетот на заменик-претседателот на Владата и за спроведувањето на проектот на НДИ „Заедници со интегритет“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската амбасада.

Фетаи ги информирал присутните за првата конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите за борба против корупцијата, која ќе се одржи следната недела. На оваа седница, како што се наведува, се очекува да се дискутираат измените на Законот за спречување на корупцијата, како и извештајот за спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Вицепремиерот Фетаи најавил дека премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на оваа седница, испраќајќи јасна политичка порака дека борбата против криминалот е заедничка заложба на Владата. На средбата се поканети и евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорката на САД Анџела Агелер и амбасадорот на ОБСЕ Килијан Вал со цел да се нагласи поддршката од меѓународниот фактор во оваа област.

Директорот на НДИ Дејвид Сип изјавил дека проектот „Заедници со интегритет“ има за цел да им помогне на општините во градењето силни институционални системи и практики за интегритет, со што ќе се минимизираат ризиците од корупција и ќе се зголеми довербата на граѓаните во институциите. Тој исто така информирал дека веќе е распишана јавна набавка за избор на невладини организации кои ќе им помагаат на општините во создавање антикорупциски механизми, особено во сферата на јавните набавки.

- Фетаи и Сип се согласија да ја продолжат соработката за обезбедување средства од донаторите со цел да се овозможи континуитет во спроведувањето на проектот, се вели во соопштението. мд/аа/

Фото: Кабинет на вицепремиерот Фетаи 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан