• петок, 26 јули 2024

Јорданскиот крал побара од САД да извршат притисок врз Израел и да овозможат прекин на огнот во Газа

Јорданскиот крал побара од САД да извршат притисок врз Израел и да овозможат прекин на огнот во Газа

Аман, 7 јануари 2024 (МИА) - Јорданскиот крал Абдула Втори денеска на средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Аман повика САД да извршат притисок врз Израел да воспостави „итен прекин на огнот“ во Газа. Во исто време, тој предупреди на „катастрофалните последици“ од продолжувањето на непријателствата. 

Блинкен синоќа пристигна во главниот град Аман како дел од новата турнеја на Блискиот Исток во обид да го избегне ширењето на конфликтот и да спречи „бесконечен циклус на насилство“. 

Кралот на Јордан ја истакна и потребата да се стави крај на „трагичната хуманитарна криза во Појасот Газа“. Тој потврди дека „регионот нема да постигне стабилност без праведно решение на палестинското прашање и без постигнување праведен и сеопфатен мир заснован на решение со две држави“, односно постоење на две држави – Палестина и Израел. 

Кралот, исто така, повтори дека „Јордан целосно го отфрла присилното раселување на Палестинците и обидите да се оддели Газа од Западниот Брег“, две територии за кои рече дека се составен дел на идната палестинска држава. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан