• сабота, 23 ноември 2024

Јавниот обвинител Коцевски на средба со Декер

Јавниот обвинител Коцевски на средба со Декер

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со заменик амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја Роберт Декер со кого разговараше за приоритетите и предизвиците во работата на јавните обвинителства, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Коцевски се осврнал на процесот на дигитализација и подготовка на новиот систем за управување со предметите во Јавното обвинителство, како и планираните активности за јакнење на транспарентноста на институцијата и на интегритетот на јавните обвинители, како области кои Кралството Холандија веќе ги поддржува со свои активности.

-Свесни сме за својата улога и навистина сме подготвени да работиме многу и посветено, меѓутоа ќе бараме и ваша поддршка во насока на тоа да ни се даде вистинското место во системот и да ни се овозможат сите услови за работа со цел да можеме да испорачаме резултати, рекол  Коцевски на средбата.

Тој ги запознал со предизвиците со кои се соочува Обвинителството од материјален, кадровски и законски аспект.

Заменик-амбасадорот Декер, пак, истакнал дека Холандија континуирано дава поддршка и се залага за обезбедување на соодветни ресурси за правосудството, вклучително и Јавното обвинителство, а, како што нагласил, ќе продолжи да ја испраќа таа порака и во иднина. сст/вг/

Фото: ЈОРМ

Остани поврзан