• сабота, 23 ноември 2024

Јавна расправа за нацрт законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија 3 - споменик на природата

Јавна расправа за нацрт законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија 3 - споменик на природата

Струга, 15 септември 2023 (МИА) - Нацрт законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија 3 - споменик на природата овозможува зачувување на природната состојба на едно од најстарите езера преку заштита на природните, културните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на живеалиштата и еко системите и одржливо користење на природните ресурси без да се загрози опстанокот на живеалиштата и видовите.

Создржината на нацрт законот денеска беше презентирана на јавна расправа пред струшката јавност, на која се обрати државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Неби Реџепи. Охридското Езеро, според него, преставува еден од најзначајните центри, рефугиуми и жешка точка за биолошката разновидност во балкански, европски и светски рамки. Заради географската изолираност и поволните хидрографски услови во езерото регистрирани се околу 1.200 природни видови, од кои 586 се животински, а 614 растителни. Посебно значајни за науката, нагласи, се 212 ендемични видови, од кои 182 се животински.

- Од друга страна, значајна компонента на Охридскиот езерски еко систем е присуството на живеалишта, кои поддржуваат опстојување на еден ваков богат биодиверзитет и тие имаат национално и меѓународно значење, имајќи предвид дека Охридското Езеро претставува прекуграничен еко систем со уникатни природни вредности, истакна Реџепи.

Експертот за животна средина и поранешен директор на проектот за заштита на Охридското Езеро Аријан Мероли смета дека потребна е заштита на езерото од двете страни од македонска и албанска. Забележа дека студијата не е за целиот еко систем, туку само од македонска страна и се сомнева дека ќе помогне за реална заштита на езерото

- Кога зборуваме за еден еко систем треба да биде опфатен цел. Може да има добра состојба кога се истражуваат сите елементи, а не само од еден дел од овој еко систем, Сега имаме нов закон за прогласувење на Охридското Езеро како споемник на природата, но е само за македонската страна, рече Мероли.

Активистот Ндерим Положани од невладината „Кап Струга“ смета дека се потребни повеќе консултации со локалните експерти за да се создаде хармонија меѓу новото законско решение за заштита на животната средина и развој на туризмот.

- Во Струга како туристички град трпи развојот на туризмот и заштитата на животната средина. Од тоа што го гледам во нацрт законот нема хармонија меѓу развој на туризмот и заштита на животната средина. Не знаеме што не чека. Половина од крајбрежјето е ставено под строго заштитена зона и не знаеме што предвидува, забележува Положани.

Според него, невладиниот сектор во Струга е загрижен од односот на државата кон Охридското Езеро неприфаќајќи ја иницијативата за формирање јавно претпријатие кое ќе стопанисува со него.

- Нема потреба од формирање јавно претпријатие. Тоа е само бирократија и администрација и вметнување политика во Охридското Езеро, вели тој.

Засегнатите страни и локалното население може во рок од 10 работни дена по одржувањето на јавната расправа да достават до МЖСПП забелешки по предлогот за прогласување на заштитено подрачје.

Охридското Езеро е вклучено на листата на светско наследство на УНЕСКО како природно и културно наследство, преставува дел од прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа и Рамсар подрачје. Езерото е заштитено од 1977 година, согласно националното законодавство во категоријата „Споменик на природата“. сс/цр

Фото : МИА

Остани поврзан