• четврток, 26 декември 2024

Шукова: Главен еколошки предизвик основната инфраструктура за управување со отпад, нов проект за воздухот со европски пари

Шукова: Главен еколошки предизвик основната инфраструктура за управување со отпад,  нов проект за воздухот со европски пари

Скопје, 11 ноември 2023 (МИА) - Главниот еколошки предизвик на државата е дефинитивно воспоставување на основна инфраструктура за управување со отпад, порача денеска министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, одговарајќи на новинарски прашања.

Таа потсети дека законот е донесен веќе дваесетина години, но поради многу слабиот напредок од страна на општините во таа насока државата го презеде регионалното управување со отпад.

- Работиме активно во моментов на седум региони во државата. Осмиот е скопскиот, останува за подоцна, бидејќи таму ќе требаат многу поголеми финансиски средства. Работиме на воспоставување на основна инфраструктура, со примарна селекција. Да ги намалиме количините на отпад, што ќе ги депонираме финално на новите централни депонии, што ќе бидат по европски стандарди. За овие седум региони, ќе бидат четири. Три нови и рехабилитација на Русино, за извесен временски период, додека не се најде нова локација или се обезбеди проект за проширување на Русино, изјави министерката Шукова.

Во однос на квалитетот на воздухот вели дека е започнат нов проект финансиран од Европската Унија што ќе се спроведе во Скопје, Куманово, Тетово и Битола. Ќе има неколку компоненти. Најголемата, од околу 5.5 милиони евра, ќе биде за замена на нееколошки со еколошки системи, во јавните објекти. Мапирање, како што рече, се правело веќе подолг временски период.

- Еве гледаме дека и невладиниот сектор исто така активно се вклучува. Ги поканивме секако, заедно да го направиме тоа. Сѐ уште има јавни објекти каде што треба да се заменат нееколошките системи. Го правевме тоа до минатата година, го правиме и оваа, продолжуваме, овојпат со европски пари, нагласи Шукова.

Како што ќе се имплементира овој проект, веќе се работи на нов во насока на замена на системите.

 - Многу е битно да го промениме начинот на размислување. Јас секогаш апелирам и повторно ќе апелирам до сите, да внимаваат што горат кога се затоплуваат, бидејќи прво го нарушуваат здравјето на нивното најтесно семејство, а потоа и здравјето на сите оние кои живеат во нивната околина, подвлече таа.

На новинарско прашање за поставувањето филтри на фабричките оџаци таа одговори дека во делот на тоа што го контролира државата во врска со големите А инсталации, воспоставени се системите за заштита на воздухот.  Согласно на плановите што ги имаат во рамките на дозволите, мерките и активностите што требало да се спроведат, биле спроведени, индустријата во Скопје имала соодветна опрема која штити од 2.5 и 10 ПМ честички, вели Шукова, која беше меѓу учесниците на Третиот социо-еколошки форум, што се одржува во Скопје. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан