• сабота, 23 ноември 2024

Штипјанецот Александар Трајковски донираше пакети за бадниковата вечер и божикниот ручек

Штипјанецот Александар Трајковски донираше пакети за бадниковата вечер и божикниот ручек

Штип, 5 јануaри 2023 (МИА) - Осумдесет и две годишниот штипјанец Александар Трајковски традиционално веќе 16 година по ред во Општинската организација (ОО) Црвен Крст донираше пакети за Бадник и Божиќ за шест семејства од социјално ранливи групи.

Трајковски вели дека овој хуман гест го прави во чест на неговата почината сопруга секоја година во соработка со Црвен крст –Штип. Тој секоја година купува намирници и подготвува пакети со посна и мрсна храна доволна за празнична трпеза и за Бадник и за Божиќ. Вели чувството е прекрасно кога може да се помогне и да се биде хуман.

-Содржат се што е потребно за Бадник и Божиќ, и посно и мрсно. За мене чувството е добро затоа што знам дека шест фамилии ќе седнат и ќе вечераат, ќе има што да јадат, рече Трајковски.

Тој посочува дека оваа година инфлацијата ги намали намирниците во пакетот, но забележува дека доволно е купено за бадниковата вечера и божиќниот ручек. Додава дека граѓаните треба да бидат похумани за да може сите за празниците да имаат достоинствена трпеза.

-Оваа година да, многу работи останаа не купени затоа што инфлацијата си го направи своето. Ама пак има за Бадник и Божиќ, рече Трајковски.

Нема да е празна трпезата, семејствата кои добија донација од Трајковски велат чинот е за поздравување. Пакетите се доволни за нивните семејства достоинствено да ги дочекаат празниците. Се донира и на македонски и на ромски семејства.

Соња Мемедова, која првпат добива ваков пакет од Трајковски вели дека трпезата за претстојните празници нема да е празна.

-Оваа донација за нас многу нешто значи, нема да седнеме на празна трпеза, како што е инфлација, скапотија, не можеме да си дозволеме да си купеме за една посна трпеза за Бадник, вели таа.

82 годишниот Трајковски вели само здравјето да го чува и ваквата донација ќе ја продолжи и во наредните години.

Секретарот на ОО Црвен крст–Штип, Деспина Димитровска посочи дека штипјани се хумани, а тие имаат подготвено уште десет пакети за социјално ранливи семејства, кои ќе ги достават до семејствата во селата во штипско-карбинскиот регион. вдј/бт/

 Фото: МИА

Остани поврзан