• понеделник, 23 декември 2024

Шпански суд: УЕФА да престане да се спротивставува на Суперлигата

Шпански суд: УЕФА да престане да се спротивставува на Суперлигата

Мадрид, 27 мај 2024 (МИА) - Шпанскиот суд им нареди на Меѓународната фудбалска федерација и Европската фудбалска централа да престанат да се противат на формирањето на Супер лигата. Во пресудата судијата оцени дека ФИФА и УЕФА ја злоупотребиле својата доминантна позиција и имале став кој се спротивставува на секое натпреварување.

Судијката Софија Гил Гарсија пресуди дека ФИФА и УЕФА го прекршиле правото на Европската унија со забраната на клубовите да учествуваат во новопредложеното натпреварување, објави судот во понеделникот.

Во пресудата судијата им нареди на светската и европската фудбалска куќа веднаш да ги повлечат сите одлуки кои во минатото биле насочени против конкуренцијата.

Спорот пред судот во Шпанија го изнесе компанијата А22 Спорт Менаџмент, компанија која стои зад основањето на Европската Суперлига, против Шпанската фудбалска асоцијација, шпанската Ла Лига, УЕФА и ФИФА, кои го блокираа започнувањето на Супер лигата. 

-Ерата на монополско однесување дефинитивно е завршена, рече Бернд Рајххарт, извршен директор на А22, по објавувањето на пресудата.

Тој оцени дека одлуката на шпанскиот суд е „многу важен чекор кон вистинско конкурентно и одржливо клупско натпреварување во Европа“.

Додаде дека УЕФА ја потиснува оваа идеја со децении и дека сега клубовите „немаат од што да се плашат, не мора да се плашат од казна само затоа што имаат идеи“.

УЕФА и Ла Лига, како и по одлуката на Европскиот суд на правдата во декември, наведуваат дека пресудата не го поддржува строго формирањето на Супер лигата.

-Пресудата не им дава право на трети страни да развиваат натпревари без овластување и не се однесува на идни проекти и модификации на овој проект, се вели во соопштението на УЕФА. дс

Фото: Архива

Остани поврзан