• среда, 27 ноември 2024

Шкариќ: Уставни измени во пакет со нов Устав, нема страв од бугаризација

Шкариќ: Уставни измени во пакет со нов Устав, нема страв од бугаризација

Скопје, 2 јануари 2024 (МИА) – Ги охрабрувам наредните власти да извршат уставни измени, бидејќи нема страв од никаква бугаризација, а после тоа Бугарите не можат да нѐ блокираат од аспект на нивните анахрони барања, изјави професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.

Во новогодишното интервју за Вистинската Телевизија ВИСТЕЛ, професорот Шкариќ даде свое видување околу уставните измени потенцирајќи дека прифаќањето на промените на Уставот со впишување на Бугарите не значи бугаризација на Македонија.

- Идниот состав на Собранието ќе ги прифати промените на Уставот со впишување на Бугарите, тоа не значи бугаризација на Македонија, и после тоа треба да се размислува за нов Устав, бидејќи сегашниот со сите амандмани е неспроведлив, посочи Шкариќ.

Во врска со носењето и измените на низата закони како и измените на Кривичниот законик, случувањата во Судскиот совет, како и Законот за помилување, професорот посочи дека судската власт е онаа која може, како што рече, „да ја апсолвира и реши оваа тешка ситуација во која се наидува“.

- Како што  Уставниот суд го поништи целиот закон за изменување на Законот за помилување од 2009 година, за да може Иванов да ги помилува сите процесуирани од СЈО, така и Уставниот суд со времени мерки треба да го поништи последниот закон за изменување на Кривичниот закон, за да се поништат и последиците од неговата примена - досега ослободените од кривична одговорност, со која се штити политичката елита, истакна професорот за магазинот Вечерва со Слободан Томиќ на ВИСТЕЛ.

Професорот Шкариќ смета дека промената на името на државата е голема геополитичка игра.

- Името има врска со идентитетот, но не треба да бидат идентично третирани. Името опстојува, зборот Македонија е вградено во името на државата и ние сме единствена држава во светот која го содржи зборот Македонија, вели Шкариќ. ар/са/
Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан