Шилегов и Војцехович ја потпишаа Париската декларација за ставање крај на епидемијата на ХИВ
- ХИВ е вирус за кој не постои лек, но искуствата покажуваат дека со сеопфатни мерки од здравствена, социјална, правна и културолошка перспектива може да се спречи ширење на вирусот, истакна де
Скопје, 9 јануари 2020 (МИА) - ХИВ е вирус за кој не постои лек, но искуствата покажуваат дека со сеопфатни мерки од здравствена, социјална, правна и културолошка перспектива може да се спречи ширење на вирусот, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој со претставникот на Здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, Константин Војцехович ја потпишаа Париската декларација за ставање крај на оваа епидемија како закана за јавното здравје до 2030 година.
Со потпишувањето на Париската декларација, како што истакна денеска градоначалникот Шилегов, Градот Скопје ја потврдува заложбата за унапредување на колективното здравје во градот, но и во целиот свет.
-Имаме за цел да придонесеме за намалување на појавата на новодијагностицирани случаи со овој вирус. Свесни сме за потенцијалните ризици од ХИВ и СИДА, туберкулоза и вирусен хепатит, и одговорно се вклучуваме во националните напори за заштита на здравјето и благосостојбата на населението, рече Шилегов.
Тој појасни дека Градот Скопје е еден од ретките балкански градови кои се приклучиле на оваа иницијатива, и апелира до преостанатите градови, особено во соседството, да се придружат на напорите да стават крај на вирусот во наредните десет години со што ќе обезбедат поздрави општества.
Половина од новодијагностицираните случаи на ХИВ во нашата земја, според податоците на градоначалникот, се појавуваат кај жители на Скопје што потврдува дека епидемијата на ХИВ е всушност сконцентрирана во урбаните средини, особено во големите и главните градови.
- Превенцијата ја има клучната улога во намалувањето на бројот на новозаразени лица и секако во намалување на последиците. Само во минатата година, околу 30 од новодијагностицираните случаи биле кај жители на Скопје. Ова за нас е предизвик на кој вреди сериозно да му се посвети внимание. Затоа посветено работиме на тоа да создадеме и одржуваме здраво општество бидејќи само така може да градиме среќна иднина не само на нашите сограѓани, туку и на сите граѓани во државата и пошироко, изјави Шилегов.
Претставникот Војцехович му посака добредојде на Скопје во иницијативата „Градови на брзиот колосек“ и се надева дека и другите градови во нашата земја ќе го следат водството на Скопје.
-Градовите може да имаат витална улога во справувањето со епидемијата на ХИВ. Тие се позиционирани на начин на којшто можат услугите за ХИВ да ги направат пристапни преку соработка со централната власт, Министерството за здравство, граѓанските организации и заедниците, преку обезбедување простор за активности за подигнување на свесноста, рече Војцехович.
Тој додаде дека со оваа декларација, Скопје и другите македонски градови ќе станат поинклузивни, безбедни, пријателски настроени кон сите и ќе придонесуваат кон подигнување на квалитетот на живот, социјалниот и економскиот развој.бт/дма/