• недела, 10 ноември 2024

Шекеринска изврши увид во објектот на Воената служба за разузнавање и безбедност

Шекеринска изврши увид во објектот на Воената служба за разузнавање и безбедност
Скопје, 4 јануари 2022 (МИА) – Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска изврши увид во објектот на Воената служба за разузнавање и безбедност, кој веќе два месеци се реконструира. - Оваа реконструкција е важна како дел од генералните напори и планови на Министерството за одбрана за обновување на инфраструктурата којашто најчесто е постара и од 50 години. Меѓутоа, важна е уште од една причина, а тоа е дека со реконструкцијата воведуваме навистина уште повисоки правила за безбедност коишто ќе пружат целосна безбедност на нашите класифицирани информации. Се работи за објект којшто припаѓа и во којшто се складираат податоци, информации кои се многу често од класифицирана природа и многу е важно тие се да се чуваат во објекти кои имаат повисоки стандарди за безбедност, изјави Шекеринска.   Министерката посочи дека со овој проект, што е започнат пред повеќе од година и половина обезбедена е уште една целосно нова зграда во рамки на Министерството за одбрана, а ги исполнува и високите услови за безбедност на класифицираните информации, кои се домашни, но и НАТО-класифицирани информации, како и целосна безбедност на заштитената мрежа. - Патем речено, токму Воената служба за безбедност и разузнавање е првата институција иако е во рамки на Министерството, која доби сертификат за целосно заштитена мрежа по сите стандарди и правила кои одат или се дел од ваквата класификација, додава таа. Реконструкцијата на објектот се одвива во неколку фази, со цел да се користи зградата, но ќе биде целосно завршена во текот на следните неколку месеци. - Ќе има обезбедено и дополнителни мерки за безбедност во зградата, но и надвор од зградата, посебен пристап во објектот и навистина многу подобри услови за квалитетна работа на нашата Воена служба за безбедност која е и еден од најчестите контакти за нашите НАТО-сојузници, појасни министерката Шекеринска. Таа истакна дека реконструкцијата е дел од поголемиот план за реконструкција на старите објекти во Министерството и Армијата и додаде дека во тек се две реконструкции во касарната „Илинден“, во тек се реконструкции на два објекти каде што е сместена лесната пешадиска борбена група во Штип, во тек е голема реконструкција во Криволак, а започнува и реконструкција на објектите во Велес. - На тој начин покажуваме дека подобрувањето на условите за работа во одбрана и во Армија не се само повисоките плати, не се само подобрите лични опреми или лична муниција – вооружување и сите други елементи коишто се дел од армиската формација, туку дека се тоа и подобри услови за работа, вели Шекеринска. Министерката додаде дека во минатата година одвоени се рекордно ниво на средства за буџетот, и согласно Буџетот за 2022 година тој тренд може да продолжи и во следната година. ки/цр/  

Остани поврзан