• вторник, 24 декември 2024

Шекеринска: Декретот покажува дека интересот на САД кон Западниот Балкан не е изгубен, туку се зајакнува

Шекеринска: Декретот покажува дека интересот на САД кон Западниот Балкан не е изгубен, туку се зајакнува
Скопје, 10 јуни 2021 (МИА) - Декретот на американскиот претседател Џо Бајден покажува дека интересот на САД, еден од нашите најблиски сојузници, кон и за Западниот Балкан не е изгубен, туку напротив се зајакнува, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање, по воената свеченост на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) со која се одбележува Денот на единицата. Според Шекеринска Декретот испраќа две пораки - дека договорите кои обезбедија решение на проблемите на Балканот се влог во безбедноста на Балканот и дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата. - Сите нив, меѓу кои и Преспанскиот договор, САД ги доживуваат, ги толкуваат и ги сметаат за гаранција за безбедноста и стабилноста на овој регион. Втората порака е дека не е доволно само да ги решавате политичките проблеми, туку дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата. Мислам дека и двете пораки кои ги испраќаат САД се добредојени за сите нас кои што посакуваме да живееме во подобар регион, кој што не е само дел од евро-атлантското семејство и НАТО, туку е дел од една евро-атлантска култура на владеење на право, на демократски вредности, слободни медиуми, кои носат просперитет, изјави Шекеринска. Проблеми со Декретот, нагласи таа, може да имаат само оние што ловеа во матно и се трудеа или се трудат да ја дестабилизираат државата. - Јасна е пораката дека ангажманот ќе продолжи и дека тој ангажман нема да биде само зад затворени врати, туку ќе биде експлицитен и јавен, нагласи Шекеринска. аа/dma/

Остани поврзан