„Чисти води за здрава иднина: патот кон зачувување на Треска“ - настан во Скопје
- Како што информираат организаторите на настанот, целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните.
Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Финален настан во рамки на проектот „Младински активизам за одржливи реки: заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“, што го спроведува Аналитика - Скопје со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, ќе се одржи денеска во Скопје.
Како што информираат организаторите, целта е да се подигне свеста за заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет преку активно учество на граѓаните.
Настанот има за цел и да ги презентира постигнувањата од проектот, што промовира зачувување на природните ресурси, борба против загадувањето и заштита на водните екосистеми.
- На настанот ќе се презентираат резултатите од истражувањето и препораките за зачувување на водата и биодиверзитетот на реката Треска. Овој настан ќе биде од особена важност за споделување на наодите и заедничко планирање на идните чекори за подобрување на состојбата на ова значајно природно богатство, истакнуваат организаторите.
Најавени се обраќања на заменик амбасадорот на Канада - Дејвид Морган, заменик министерката за животна средина и просторно планирање - Ане Лашкоска, директорката на Институтот за јавно здравје - Марија Андоновска и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа - Јулијана Павковска - Боцевска. бд/бак/
Фото: МИА архива