• среда, 27 ноември 2024

Четворица членови на едно семејство обвинети за држење и пренесување марихуана

Четворица членови на едно семејство обвинети за држење и пренесување марихуана

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против четири лица за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Еден од обвинетите се гони и за кривично дело „неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. 

Како што соопшти Јавното обвинителство, четворицата обвинети, тројца мажи и една жена, роднински поврзани, во авто сервис во Ѓорче Петров, неовластено заради продажба држеле 133,72 килограми наркотична дрога – марихуана. Од нив, на 2 мај спакувале 99,6 килограми и ги подготвиле за неовластена продажба. Дрогата во кеси и картонски кутии ја ставиле во автомобил, а остатокот го оставиле во авто сервисот.

-Истиот ден заеднички организирале пренос на марихуаната, движејќи се со три автомобили еден зад друг – прво возило со цел да известува за полициски службеници и патроли, второ возило во кое била дрогата и трет автомобил за заштита. На издадена полициска наредба да запрат на улицата „Скупи“, првиот автомобил воопшто не застанал и обвинетиот се дал во бегство. Другите две возила биле веднаш сопрени и при извршен преглед биле пронајдени картонските кутии со дрогата. По извршен претрес во авто сервисот била пронајдена и останатата марихуана, но исто така биле пронајдени и четири куршуми муниција кои еден од обвинетите ги држел без дозвола, се наведува во соопштението од ЈО.

По лишување од слобода на сите четворица обвинети, по предлог на јавниот обвинител им беше определена мерка притвор. Со поднесувањето на обвинителниот акт, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на притворските мерки, бидејќи се уште постојат законските основи – опасност од бегство и можност да го повторат делото. дма/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан