• сабота, 23 ноември 2024

ЦУК: Четиринаесет пожари на отворено, 1 989 повици на 112 во последното деноноќие

ЦУК: Четиринаесет пожари на отворено,  1 989 повици на 112 во последното деноноќие

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Во последното деноноќие имало регистрирано 14 пожари на отворено на територијата на државата, покрај интервенциите за гаснење пожари во населени места. Гореле запалени депонии, ниска дабова шума, мешана шума, ниска вегетација, стрништа, меѓи од ниви, трска, капини и врби. Сите пожари се изгаснати, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Регионалните центри за управување со кризи информирале дека на територијата на државата интервенции за гаснење пожари на отворено имале пожарникарите од БППЗ на Град Скопје,  Територијалните противпожарни единици (ТППЕ) на Битола, Крушево, Струмица, Радовиш, Валандово, Куманово и од Старо Нагоричане.

ЦУК информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1 989 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 59 отсто, а 41 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 71 отсто, кон итната медицинска помош 21 отсто, а кон пожарникарите 6 отсто од реалните повици кон 112.

Вчера на Единствениот повикувачки број 112 за итни повици во ЦУК, биле примени два повика за помош во планина, еден за помагање на повреден моторџија со скршеница на ногата и еден повик за пронаоѓање група планинари коишто не можеле да ги контактираат до доцна синоќа.

- РЦУК Скопје известил дека преку број за итни повици 112 во ЦУК, вчера во 13:44 часот е добиена дојава за повреден моторџија кој паднал од мотор на место викано „Рамно“ над Чучер-Сандево. Повредениот моторџијата се здобил со скршеница помеѓу зглобот и коленото на ногата. За настанатата состојба веднаш биле известени  во итната медицинска помош кои тргнале на терен. Во ЦУК по остварениот контакт со лицето што пријавило добиле известување дека се работи за поголема група моторџии  кои го пренеле со теренско возило до пристапно место каде што лицето може итната медицинска помош да го преземе, по што безбедно е пренесено во болница, соопшти ЦУК.

На повикувачки број 112 во ЦУК, вчера, во 21.35 часот било пријвено дека група од 12-лица планинари заминале во планинскиот предел на Шара над Општина Тераце, односно над село Пршовце, со цел да одат во местото „Доброшки Езера“, но во вечерните часови не можеле да воспостават контакт. Пријавителот информирал дека последната локација била во месноста „Три Чешми“ во близина на границата со Косово. Лицата се пронајдени во 22:05 часот ноќта, соопшти ЦУК. дма/сa/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан