• сабота, 23 ноември 2024

Царовска повика училиштата да ги исполнат обврските од договорот за државната матура

Царовска повика училиштата да ги исполнат обврските од договорот за државната матура
Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Откако Средношколскиот сојуз вчера реагираше дека во некои училишта не се почитува договорот со Владата за државната матура, министерката Мила Царовска денеска повика секое училиште да ја исполни обврската за интерните испити и соопшти дека Министерството, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар ги завршиле нивните обврски. -Најголем дел од училиштата ги објавиле интерните испити, останатите се во рок да ги објават и повикувам да се исполнат договорените елементи од матурата, рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето сензорна соба во ОУ „25 Мај“ во Гази Баба. Соопшти дека од наредната учебна година во училиштата ќе бидат ангажирани повеќе од 400 образовни асистенти за работа со ученици со посебни потреби, кои ќе бидат платени директно од буџетот на МОН преку општините. Во Законот за наставници, кој е во процедура во Собрание, образовните асистенти добиваат звање соработник или можност за вработување во ресурсните центри т.е. специјални училишта кои треба да ги опслужуваат редовните. Во  моментов се спроведува обука за обучувачите на асистентите, а се направени и стандарди и правилникот за да почнат со работа од учебната 2021/2022 година. Царовска информираше и дека интересот на наставниот кадар од прво до трето одделение за вакцинирање против КОВИД-19 е во согласност со очекувањата. -Одѕивот воопшто не е лош, рече министерката одговарајќи на новинарско прашање. Додаде дека по завршувањето на оваа учебна година, во текот на летото ќе разговараат со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство за моделите на кои ќе се организира наставата од септември. хс/са/

Остани поврзан